-Оваа година осум кумови домаќини Дејан и Билјана, Маре и Нони, Благојче и Емилија, Олга и Митко, Горде и Благојче од Битола , Иво и Ана од Скопје… угостија над 1.000 луѓе односно послужија за здравје 1.000 порции со вкусна приготвена домашна храна, салати, десерт од пченица, слатки, погачи направени од вредните раце на домаќинките.
-Сето ова во чест на празникот Св. Кирил и Методиј и манастирот во атарот на село Лознани кој го носи името на сесловенските простветители.Денес 24 мај 2025 денот на ссловенските просветители беше достојно чествуван во манастирот Св. Кирил и Методиј кај с. Лознани. Од утринските часови доаѓаа луѓе во манастирот да просуствуваат на Богослужбата, да запалат свеќи за здравје, а дојдоа голем број верници од разни страни.
Имаше музика, а се заигра и македонско оро. Коњаницата „Букефал“ беше тука. Ноќта спроти празникот се ождреби и кобила. Говор одржа актерот од народните приказни Владо Дојчиновски.
Оваа година 8 домаќини, поточно осум пара семејства даваа ручек за здравје. Поразговаравме со еден од кумовите домаќините Дејан Димовски со сопругата Билјана околу подготовките за овој ден.
-Подготовките почнаа пред една седмица, можеби и повеќе. Сите ние домаќините со нашите сопруги, деца, и други блиски членови од семејствата доаѓавме тука за да се исчисти просторот околу и кај манастирот, да се среди дворот. Потоа ги носевме намирниците за да се подготви ручек и се она што оди за празникот. Секоја година така и оваа се готви превкусна манастирска манџа со компир, грашок и телешко месо, чадено месо. Освен ако овој ден ќе биде во ден кога се пости, како што беше синоќа кога се послужи риба.
Домаќинките месат погачи, се прави пченица за здравје и бериќет. Се носи пијалокот. Секој си поканува свои гости кои се седнуваат сите заедно на заедничка маса. Денес за здравје беа споделени над 1.000 порции. Меѓу гостите и голем број пензионери, кои дојдоа организирано со превоз.
Верници од сите страни, дојдоа и тоа од Битола, Прилеп, Ресен, Струга, Скопје, Тетово, иселеници дојдени на одмор од Европа, Америка и Австралија.
Се заигра и оро на музиката. Коњаницата “Букефал“ е тука. На радост на сите ноќта спроти празникот се ождреби и кобила. Тоа значело среќа и бериќет.
Славица и Илија Димовски дојдоа од Битола да ги испочитуваат домаќините меѓу нив нивниот син и снаа. Кога ја донесоа манџата Илија ни вели Тука манџата е највкусна, дека се дели и јаде на манастир, но и дека се готви во големи казани. Славица се надоврзува ја готват 2 куварки и 3 помошнички бидејќи потребно е да се знае колкава количина треба да се стави од се за толку многу луѓе. А денес ги имаше многу.
-Тука не испочитува и актерот Дојчиновски кој дојде и одржа пригоден говор пред коњаницата. А мене ми е омилен актер од Македонските народни приказни. Се испукаа и три рафали од нивното Црешово топче за Македонија, рекоа Нони и Маре.
Манастирот на Свети Кирил и Методиј и Свети Ѓорѓи се наоѓа во атарот на село Лознани, на околу 25 км од Битола, во падините на планината. Селачка на 637 метри надморска височина, на само неколку метри од древните урнатини на старата црква. На мало ритче во прекраснаа сенка се наоѓа црквичето посветено на двајцата просветители Св. Кирил и Методиј. А околу него неколку изворчиња со свети води посветени на светците Св. Петка, Св. Јован и Св. Ѓорѓија.Таа била изградена во 1990 година од страна на Бисера Димитровска. Бисера раскажува дека била разбудена од Мајка Богородица, една ноќ која и претскажала дека треба да изгради манастир во близина на местото на старата црква на Свети Кирил и Методиј.
По многу години на изградба и опремување манастирот, тој стана еден од најпознатите манастири на Балканот, каде што жените доаѓаат да се молат, да пијат света вода од чешмата во црквата. Многу празници се одржуваат во манастирот, богослужби, литургии и многу други религиозни церемонии и собири.
Во црквата има голема икона на Исус Христос која гледа кон луѓето од црквата и прекрасната икона на Мајка Богородица, Христос и многу други светци.
Жанета Ристевска