Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ, на брифинг со новинарите говореше на акуелните теми поврзани со македонскиот клупски и репрезентативен фудбал.
Тој се осврна и на престојниот натпревар кој треба да се игра во Битола, а ќе се сретнат селекциите на Македонија и Италија до 21 година.
-Сакам репрезентативниот фудбал, особено сениорскиот, да се игра и надвор од Скопје. Битола веќе има капацитет за тоа, но би сакал уште најмалку два града да добијат можност да бидат домаќини на нашата репрезентација. Ќе направиме се што е во наша надлежност, македонската репрезентација до 21 година да игра во Битола во квалификациите, но мора да биде јасно дека и низа други работи треба да се исполнат за да се случи тоа. Тоа првенствено се однесува на хотелското сместување. Италија, нашиот противник во квалификациите бара речиси исти услови како и за “А“ репрезентација. Но, исто така треба да се направат уредувања и на “старата“ трибини на стадионот. Веќе разговаравме со градоначалникот на Битола и насоките се позитивни.






