Македонската пијанистка Јована Арсоска од Битола постигна значаен меѓународен успех освојувајќи две високи награди на престижниот меѓународен музички натпревар „Tempo“, кој се одржа од 22 до 25 мај во историската тврдина на Ѓирокастро, Албанија, во рамките на културната манифестација „Gjiroclassica“.
Арсоска ја освои Апсолутната прва награда во својата категорија, со максимални 100 поени од жирито, што е исклучителен успех кој ретко се доделува. Покрај тоа, таа беше добитник и на специјална награда за најдобар пијанист на натпреварот, под наслов “Margarita Kristidhi“ што уште повеќе го истакнува нејзиниот извонреден настап меѓу сите категории.
„Tempo“ секоја година собира млади музичари од цела Европа и пошироко, нудејќи можност за размена на музички култури, уметничко изразување и професионално вмрежување. Фактот што настапите се одржуваат во автентичниот амбиент на замокот на Ѓирокастро му дава дополнителна тежина и симболика на успехот.
Арсоска, која ја гради својата музичка кариера со посветеност и страст, веќе се етаблира како еден од најперспективните млади уметници во регионот. Нејзините награди претставуваат не само личен успех, туку и потврда за квалитетот на македонската музичка школа на меѓународно ниво.
Јована Арсоска е млада пијанистка од Битола, родена во 2004 година. Музичкото образование го започнува од најрана возраст во Државното музичко училиште во Битола, каде го оформува својот пијанистички талент под менторство на проф. д-р Јана Четелева Белевска и други врвни професори.
Моментално е студент во втора година на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде студира пијано под менторство на вонр. проф. Дино Имери, еден од водечките македонски пијанисти и педагози.
Арсоска има учествувано на бројни меѓународни и интернационални натпревари, каде редовно освојувала високи награди и признанија, истакнувајќи се со својата виртуозност, музичка зрелост и техничка прецизност. Исто така, има посетувано мастер часови кај реномирани светски изведувачи и професори, постојано надградувајќи ги своите уметнички вештини.
Со секој свој настап, Арсоска достоинствено ја претставува Македонија на светската музичка сцена и претставува симбол на иднината на македонската класична музика.