Пред започнувањето на завршницата од Купот на Македонија во Охрид, свое видување за турнирот и противниците дадоја тренерот на Еурофарм Пелистер од Битола, Раул Алонсо и голманот Никола Митревски.

Раул Алонсо, тренер на Еурофарм Пелистер рече:
-Ќе биде убав викенд и сме подготвени за натпреварот против Охрид. Нè очекува убава атмосфера и одиме во Охрид да го донесе Куп-трофејот по многу години во Битола. Сите четири екипи ќе бидат многу мотивирани. Ќе решаваат мали детали, сите четири тима играат добро, но треба да потенцираме дека на вакви турнири можни се и изненадувања. Мислиме само на првиот натпревар и верувам дека со помош на нашите навивачи, кои секогаш и секаде ни даваат поддршка, можеме да се пласираме во финалето.

Во пресрет на полуфиналната пресметка своите очекувања ги изнесе еден од најискусните во тимот Никола Митревски.
-Купот се два натпревари, турнирски систем и е поразлично и специфично. Се подготвуваме за полуфиналето, а двата победници имаат малку време за финалето. Моментална инспирација и индивидуален квалитет знаат да ги решаваат ваквите натпревари. Секако дека двата дена ќе бидат тешки, прво треба да се подготвиме само за мечот во сабота и да го добиеме првиот меч, а потоа ќе размислуваме за финалето. Прво да го победиме Охрид, па ќе се насочиме кон следниот предизвик, изјави Митревски.
Охрид и Еурофарм Пелистер ќе се судрат во втората полуфинална пресметка која е на програмта в сабота од 19:30 часот во „Билјанини Извори“.









