Петровски – Вардар 66:33
-Кошаркарката на КК Петровски е избрана за најкорисна на собирот на најдобрите во М14 лигата во Битола.
Во финалниот натпревар, кој се одигра во Битола битолчанки беа многу подобар противник од скопски Вардар (66:33), и апсолутно заслужено го освоија победничкиот пехар, наменет за најдобрата екипа во М14 лигата во женска конкуренција.
Младите кошаркарки на Петровски, предводени од тренерите Никола Петровски и Нора Мемедова, уште во првиот период од играта обезбедија двоцифрена разлика. Поведоа со 18:8 и најавија поход на шампионската титула во оваа женска пионерска конкуренција.
Вељановска реализираше десет, а А. Момоковска уште шест поени во таа висока позитива која ја имаше екипата од Битола на полувремето (32:19). Додека на другата страна, капитенот на Вардар, Ивановска, даде седум.
Инаку, втора година по ред, КК Петровски е шампион во женските младински категории, откако минатата година ја освои титулата во М12 жени, сега организаторот на турнирот се искачи на врвот во женската М14 лига.
Домашните кошаркарки доминираа и по големиот одмор. Практично го оставија противникот без никакви шанси да размислува за било какво „враќање во натпреварот“. Напротив, како одминуваа минутите, така растеше предноста на Петровски, која на крајот беше и двојно поголема од бројките кои ги имаше Вардар за прво место и толку посакуваниот шампионски пехар на турнирот во М14 лигата, кој успешно го организираа во изминатите два дена.
Ана Марија Димитровски е прогласена за МВП, односно наајкорисен играч на финалниот турнир од М14 лигата во женска конкуренција кој во изминатите два дена се одржуваше во Битола, а во организација на КК Петровски. Кошаркарката на екипата-шампион во оваа возрасна конкуренција, прикажа најмногу на двата натпревари во кои КК Петровски стигна до две победи и до златните медали, и сосема заслужено го понесе најголемото индивидуално признание на турнирот.
Сребрените медали отидоа во рацете на девојките од Вардар, додека бронзените ги добија кошаркарките од Патриот.










