На античкиот локалитет Хераклеја Линкестис, вечерва со Концерт на групата „Леб и сол“, започнува 17 издание на Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“. Со концертот во Битола, легендарната група, ја започнува својата турнеја за одбележување на 50 години на музичката сцена.
Влезници по цена од 400 денари, можат да се набават во Офицерски дом и Хераклеја од 10:00 до 20.30 часот.
Официјалната програма на БИТ ФЕСТ ќе трае од 26 јуни до 31 август, но културната понуда на Битола, како прет и постпрограма е застапена за време на целиот период од календарското траење на летото и истата е исполнета со содржини од различни културни жанрови, поддржани од Општина Битола и Министерството за култура и туризам.
Пред официјалниот старт вечерва, публиката имаше можност да ужива во Празникот на музиката „Солстис“, да биде со програмските содржини на Интернационалниот младински арт фестивал „Битола отворен град“, кој трае до 28 јуни, а од синоќа вљубениците во пишаниот збор имаат можност да го проследат саемот на книга „Критична маса“ кој се одржува на малото плато пред Офицерски дом од 09:00 до 23:00 часот и ќе трае до 28 јуни.






