Претставата „Едмонд“ според текстот на Дејвид Мемет, а во режија на Оливер Мицевски, денес премиерно ќе биде одиграна на големата сцена на Народен театар Битола, а таа е петта по ред премиера за оваа година.
На прес конференцијата директорот Васко Мавровски прво се осврна на бројот на премиери и посетеноста на публиката на НТ Битола.
-Во периодот септември 2024 / јуни 2025, постигнат е апсолутен рекорд на премиерно изведени претстави, 12, а следи и премиерата на “Рибарски караници“ која ќе се одигра на 25.07. Во овој период одиграни се 129 претстави, а во салите на НТБ, не посетиле 25.141 гледач, или во просек сме имале по 194 гледачи по претстава.
Режисерот Оливер Мицевски за импресиите пред премиерата рече:
-Јас сум радосен што работам овде, бидејќи не сум работел во земјава од 2011, и е убаво да се работи на својот јазик. Ние имавме многу убави осум недели работа и веруваме дека завршивме одлична работа. Беше задоволство да се работи со талентираниот ансамбл на Народен Театар Битола, предводен од Огнен Дранговски, еден од најдобрите актери во Македонија и Балканот. Верувам дека ЕДМОНД ќе стане значајна точка во несомнено богатата историја на Народен Театар Битола.
Актерот Огнен Дранговски рече:
-Претставата го следи вртоглавото / спирално патување на бизнисменот Едмонд Бурк и неговите кошмарни 48 часа во њујоршкото подземје, каде што барајќи возбуда и среќа, од баналноста на неговата канцеларија и монотон семеен живот завршува како убиец и подоцна како затвореник, најверојатно осуден на доживотен затвор. Богат со многу параболи, референци на Хамлет и Библијата, прошаран со несекојдневно брутален јазик и агресивни сцени, главното прашање коешто ЕДМОНД го отвора е прашањето на слободата. Што е слободата всушност? Дали потрагата по слобода прави всушност, незабележително да станеме робови на својата (потрага по) слобода. Дали откажувањето / лимитирањето на своите желби го олеснува патот кон слободата? Не случајно, мотото на ЕДМОНД е : “Внимавај што посакуваш“.
Покрај Дранговски во претставата играат Валентина Грамосли, Соња Михајлова, Марјан Георгиевски, Ана Грамосли, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Викторија Степановска-Јанкуловска и Маја Андоновска- Илијевски.
Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а музиката на Марјан Неќак.











