Press "Enter" to skip to content

Од Битола до Скопје и обратно побрзо, пуштен во употреба експресниот пат Фариш-Дреново

Пуштена е во употреба делницата Фариш – Дреново од експресниот пат А1, дел од коридорот 10д, се скратува времето за патување. Од денеска,  отворена е за сообраќај и оваа делница.Проектот е со вкупна вредност од 44,74 милиони евра и е финансиран со заем од ЕБОР (Европска банка за обнова и развој). На пуштањето денеска присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт и врски Александар Николоски и директорот на јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, градоначници од регионот, пратеници…На настанот беше кажано дека се успеа да се заврши и пушти во употреба, по неполни 6 месеци откако на почетокот на годинава, беше  пуштена првата делница Градско-Дреново. Всушност, се довршија градежните работи за изградбата на делницата Фариш-Дреново од  експресниот пат А1 и се доби целина од 26 километри експресен пат во Коридорот 10д со кој се скратува на времето на патување од Градско кон Прилеп, Битола, Ресен и понатаму. -Го пуштаме во употреба експресниот пат Фариш – Дреново, во должина од 10,2 километри, со вредност од речиси 45 милиони евра – проект што е директна инвестиција во развојот, безбедноста и иднината на овој регион, на државата, на секој граѓанин. Овој пат е од витално значење и за Кавадарци, Прилеп, Битола и за Ресен. Овие пари, не завршија, како во минатото, во нечии џебови, не исчезнаа во провизии, тендери, фиктивни договори. Туку се тука, пред вас. Во асфалтот. Во оваа делница. Во реални, опипливи дела, истакна премиерот Мицковски.Притоа подвлече дека овој пат, Фариш – Дреново, не е само пат – тој е порака.

-Порака дека можеме поинаку. Порака дека ако се сака – се може. И доказ дека Македонија не е осудена на застој, туку е на патот на напредокот. Граѓаните имаат очекувања. И ние нема да ги изневериме. Кога велиме „Ги градиме темелите на промените“, тоа не се празни зборови. Тоа се патишта како овој. Тоа се училиштата кои ги обновуваме. Болниците што ги реконструираме. Тоа е новата економија, новата индустрија, новите работни места што ги отвораме. И тоа е новото време – време на одговорност, време на изградба. Доаѓа времето на Македонија. Време на чесна власт, јасна визија и видливи резултати, посочи премиерот.