Press "Enter" to skip to content

КК Пелистер утре ги дознава противниците за Лигата на Шампионите

Пелистер ќе биде единствен претставник на македонската кошарка во европските натпреварувања, а „зелено-белите“ утре ќе ги дознаат имињата на противниците на квалификацискиот турнир за Лигата на Шампионите од кои битолчани ќе бидат дел кон  крајот на месец септември.

Патот до билет за место во ЛШ е исклучително тежок, ќе се играат три квалификациски турнири со по осум екипи, на кои само трите победници ќе обезбедат учест во групната фаза од Лигата на Шампионите.

Сепак, дури и елиминација во овие квалификации нема да значи крај на европскиот настап бидејќи е речиси сигурно дека Пелистер автоматски ќе ги продолжи настапите во групната фаза од ФИБА Европскиот куп.

ФИБА денеска ги објави шеширите во пресрет на утрешната ждрепка, делејќи ги тимовите на оние кои ќе играат квалификации како прваци на своите земји (вкупно осум, во борба за едно место) и оние, меѓу кои и Пелистер, кои преку барање за учество во квалификациите до ФИБА добија можност да бидат дел од ова натпреварување. Вкупно 16-те вакви клубови ќе бидат поделени во два турнира од по осум екипи, од кои само победниците на турнирите ќе се пласираат во групната фаза.

Пелистер е дел од четвртиот шешир заедно со Порто од Португалија, Љубљин од Полска и СЦ Дерби од Црна Гора, три екипи од кои една ќе биде дел од турнирот во кој ќе бидат извлечени и „пелистерци“.

Она што ФИБА однапред го објaви, екипите од четвртиот шешир за противник во четвртфиналето имаат член на првиот шешир, што би значело дека Пелистер за прв противник во овие квалификации ќе има еден од следните тимови: ПАОК (Грција), Мурсија (Шпанија), Реџана (Италија) или Фалко (Унгарија).

Квалификациите за Лигата на Шампионите ќе се играат на почетокот од месец септември, а ФИБА во текот на јули ќе ги објави целокупните распореди, заедно со екипите – домаќини на секој од турнирите.

Ждрепката за овие квалификации ќе може да се проследи утре во живо во 14 часот на официјалниот канал на ФИБА на јутјуб. Линкот за македонската кошаркарска јавност да може да го проследи ова излекување ќе биде објавен во текот на утрешниот ден на официјалните профили на социјалните мрежи на КК Пелистер.