Денес во ресторанот “Вавилон “ во Битола политичката партија ПОДЕМ одбележа 17 години постоење, а на прославата присуствуваше комплетното раководство, претставници на општинските организации, членови, симпатизери.
Како гости на годишнината просустуваа и претставници на коалиционите парнери од Владата и Советот на Општина Битола. ВМРО-ДПМНЕ го претставуваа пратениците од Битола, Силвана Ангелевска, Олга Лозановски и Пеце Милевски, како и пратеникот Ковачки, градоначалникот Тони Коњановски, советници од Советот на Општина Битола.
Присутни беа и претстаници на Социјалистичката партија и Либерално-демократската партија.
Присутен беше и заменик министерот за финансии проф. д-р Николче Јанкуловски.
По повод годишнината зборуваше претседателот на ПОДЕМ, проф. д-р Живко Јанкуловски кој за почетоците, осносно основањето на партијата рече:
-Почитувани сограѓани, членови и симпатизери, почитувани активисти и пријатели на ПОДЕМ, Денес сме собрани овде не само да одбележиме една годишнина – туку да ја потврдиме една трајна определба. Да потврдиме дека ПОДЕМ е повеќе од партија – тоа е политичка визија, заедница, отпор и континуитет. На 12 јули 2008 година, во Прилеп, започна нешто што многумина тогаш го нарекоа скромно, па дури и наивно. Но ние знаевме што правиме – создававме политичка сила што нема да вика, туку ќе гради. Што нема да ветува невозможни работи, туку ќе испорачува реални резултати. Што нема да бара поделби – туку ќе бара решенија. ПОДЕМ се роди како отпор на површноста, на популизмот и на политиката како бизнис.
За изминатите години постоење Јанкуловски рече:
-Ние го одбравме потешкиот пат. Патот на умереноста, на моралот, на чесноста. Патот на идеите. Патот на принципи, што често е побавен, но секогаш води подалеку. 17 години подоцна, можеме да кажеме: останавме исти. Не затоа што не сакаме да се менуваме – туку затоа што знаеме што вреди да се чува. ПОДЕМ не менува ставови според ветровите на денот. Не менува вредности за позиција повеќе. Не се продава за рејтинг или за краткорочна слава. Ние постоиме за да бидеме политичка алтернатива на хаосот. Да покажеме дека има место за гласот на разумот. И денес, повеќе од кога било, Македонија има потреба токму од таков глас. Затоа велиме: не ни треба политика на конфликти, туку на резултати. Не ни требаат фрази, туку решенија. Не ни требаат привремени игри – туку долгорочна визија.
За учеството во Владата, претседателот нагласи:
-ПОДЕМ денес е дел од Владата на Република Македонија. И тоа не е случајност. Тоа е резултат на 17 години чесна работа, доследност и постојаност. Ние не влеговме во Владата со уцени или со галама – туку со идеи, со луѓе и со решенија. Нашите кадри, експерти и претставници не се таму за да се фотографираат, туку за да реализираат. За да донесат вистинска промена на терен. Да ги вратат институциите кај народот. Ние не сме елита.
ПОДЕМ, како рече Јанкуловски, силата ја црпи од општинските организации. Од нивните мали, но моќни побуди – кои почнуваат како идеја, а завршуваат како реален проект.
-Нашата сила е токму во тие луѓе – што не ја бараат светлината на камерите, туку знаат да го вклучат светлото таму каде што е темно. ПОДЕМ е партија што ја носат обични луѓе – луѓе кои мислат, предлагаат, критикуваат и градат. Луѓе што остануваат и кога е тешко. Луѓе што веруваат дека моралот и знаењето се силата, а не парите и привилегиите.
Јанкулоски се осврна и на престојните локални избори и рече:
-И сега, кога се приближуваат локалните избори 2025, имаме обврска да ја понудиме таа сила на граѓаните. Ќе понудиме советнички листи со луѓе кои го знаат секое маало, секоја улица, секој проблем – и не го гледаат советничкото место како престиж, туку како обврска. Ќе понудиме квалитетни луѓе и на заедничките листи, но и на сопствените листи со кои ПОДЕМ ќе настапи на претстојните локални избори. Ќе понудиме луѓе кои нема да чекаат проблемите да им бидат донесени на маса – туку ќе ги побараат таму каде што се. Ќе понудиме луѓе што ќе имаат смелост да кажат „не“ на нечесното, „да“ на разумното и „веднаш“ на она што може да се реши денес, а не утре. Ќе покажеме дека политиката може да биде достоинствена и кога е локална. Дека не мора да се вика за да се чуе. Дека доблеста и тишината можат да бидат посилни од галамата и манипулацијата. Со таа посветеност ќе настапиме. Со достоинство. Со идеи. И ќе покажеме дека и на локално ниво, разумот, знаењето и чесноста имаат свој политички глас. Дека и во најмалото село и во најголемото маало, можеме да изградиме доверба. Дека локалната самоуправа не мора да биде партиска тврдина, туку сервис на граѓаните.
-17 години не се само бројка. Тоа се 17 години отпор. 17 години принципи. 17 години тивка, но темелна борба. Затоа и денес, овде во Битола, по 17 години, со уште поголема решителност велиме: ПОДЕМ продолжува. Заедно со вас. Заедно со Македонија. Нека ни е честит 17-ти роденден! Нека живее ПОДЕМ! Нека живее Република Македонија!, заврши претседателот на ПОДЕМ, проф. д-р Живко Јанкуловски.
Текст и фото: Сашо Ристевски






