Вечерва на “Бит фест“ во Битола, во Офицерски дом во Битола се одржа пијано – рециталот – концерт “Затишје и бура“ во изведба на Горјана Стојановска, професорка во Државното музичко училиште во Битола.
Музичкиот настан беше посветен на тивките и бурните мигови што ги носи музиката, интерпретирани преку дела на големите мајстори.
„Затишје и бура“ – пијано рецитал – Концерт на Горјана Стојановска, замислен како интимна прошетка низ човечките емоции, каде публиката без дистанца ќе биде водена од едно дело кон друго – како мисла, како чувство, како споделена тишина или внатрешна бура.
Горјана Стојановска низ концертот “зборуваше“ со публиката опишувајќи сликовито како настанале делата на композиторите кои ги свиреше, емоциите кои провејуваат низ нивната музика, која ја отсликува психичката и ментална состојба и енергија кога настанале овие дела.
Горјана прекрасно ги опиша емоциите на музиката која ја одбра да ја претстави на својот концерт, но со својата изведба ги внесе сите свои чувства и емоции. Со еден збор ова беше концерт за сите сетила и допре до публиката.
На програмата беа Ј. С. Бах – Капричо „На заминување на најмилиот брат“, Шуберт/Лист – „Серенада“ и „Воденичарот и потокот“, С. Рахмањинов – Музички момент оп. 16 бр. 4, Чајковски/Володос – „Приспивна во бура“ и А. Скријабин – Соната бр. 3.
Музиката како безвременска емоција. Сцената и публиката – во еден здив, а оние кои не беа во Офицерски вечерва многу пропуштија.
Текст и фото: Дамијана Ристевска











