Press "Enter" to skip to content

55. Фестивалот Илинденски денови во Битола – најголем и најзначаен фестивал на народни песни и игри во Македонија (фото)

“Илинденски денови“ започнува во Битола на 18 јули, завршува на 31 јули спроти Илинден големиот празник на македонскиот народ, а на програмата ќе има повеќе од  70 фестивалски настани: со над 1.300 учесници, 30 ансамбли од Македонија, како и гости од Швајцарија, Индонезија, Мексико, Грузија, Полска и Хрватска, кои не бдат на промоции, изложби, семинари, каравани, улични настапи и концерти.

-Визуелниот идентитет на фестивалот е дело на младата уметница Јована Тодороска, инспириран од нејзината изложба „Половина сонце“ – каде сонцето се појавува како симбол на виталност, светлина и космички ред.

Денес во Центар за култура – Битола, се одржа прес-конференција на која беше претставена програмата на јубилејното 55. издание на фестивалот „Илинденски денови“ – најголемиот и најзначаен фестивал на народни песни и игри во Македонија.-Овој фестивал не е само обнова на традицијата – туку нејзино пренесување во иднината. Годинава имаме одличен број странски учесници и богат уметнички и едукативен програм, со кој Битола ја зацврстува својата позиција на мапата на светски фолклорни фестивали,  истакна Влатко Илиевски, вд директор на Центарот за култура – Битола.

Традиционалното дефиле по Широк Сокак останува важен дел од атмосферата која го спојува локалното и глобалното. Но, фестивалот не е само сцена – тој е и простор за истражување, критичко мислење и наука.М-р Валентин Соклевски, човекот кој повеќе децении е координатор на овој голем фестивал за фестивалот рече:

-Фестивалот е жив доказ дека традицијата не е носталгија, туку динамичен културен процес. “Илинденски денови“ успеа да стане дел од светското семејство на CIOFF фестивали токму преку овој пристап – со поглед кон науката за фолклорот, сцената како простор, но и визијата кон иднината,  нагласи 

Во рамки на фестивалот се одвива и Интернационалниот етнографски филмски фестивал, кој годинава бележи рекордна конкуренција – од 2.000 аплицирани филмови, селектирани се 30 документарни остварувања од целиот свет. Овие филмови нудат културни прозорци кон ритуали, песни и живи традиции кои нè поврзуваат, но и различно нè дефинираат.-Изборот на документарни филмови носи ретка можност – да се слушнат и видат приказни за ритуали, песни, традиции од далечни заедници. Публиката ќе ја почувствува духовната срж на културите кои личат, но и се разликуваат од нашата, изјави Тони Гламчевски, селектор на ИЕФФ.

Фестивалот не застанува на сценските настапи – тој гради мостови преку издавачки промоции, едукативни програми и семинари, на кои ќе се дискутира за иднината на културното наследство и неговото место во современиот свет.-Ве поканувам на серија предавања, изложби, издавачки промоции и семинари што ќе ја објаснат и визуелизираат сложеноста на нашето културно наследство – и неговиот современ одек, рече м-р Љупка Стефановска, клучен дел од стручниот тим на фестивалот.Оваа година со визуелниот идентитет на младата уметница Јована Тодороска, инспириран од нејзината изложба „Половина сонце“ – суптилно се прелева и во визуелната комуникација на фестивалот, правејќи го уште поавтентичен.

Фото: Дамијана Ристевска

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »