-Четири жени, три уникатни креации, еден отисок на културата, фустани, торби, обетки и детали инспирирани од народното наследство – дел од “Илинденски Денови 2025“ во Битола.
-Традицијата не е минато, таа е инспирација, а тоа уште еднаш се докажа на промоцијата на проектот „Културен код – Мојот моден отисок“, во организација на Ема Ќука, Анита Стефановска, Живка Танушева Ицановска и Весна Божиловиќ.
Мојот моден отисок е мала, но значајна модна приказна, родена од љубовта кон традицијата и стремежот таа да продолжи да живее – со нов израз, нов ритам, во секојдневниот живот. Зад овој проект стоиме четири жени – три професорки и една продуцентка – (секоја со различна професионална ориентација, но по вокација и љубов кон естетиката) дизајнерки, соработнички и пријателки поврзани преку иницијативата “Креативен Ден“.
Водени од народните симболи, везови, линии и бои што живеат низ вековите, подготвивме уникатни креации: фустани, торби, обетки и додатоци кои ја носат пораката „Традицијата не е минато, таа е инспирација.
Во фоајето на Центарот за култура, присутните имаа можност да проследат и модна ревија на учениците, кои со гордост ги носеа делата што сами ги создале.
-Секој елемент во колекцијата е внимателно избран – не само за да потсети, туку за да повика на гордост, женственост, автентичност и припадност. Ова не е само облека. Ова е отисок на културата, пренесен со љубов, од рацете на жените кои ја знаат нејзината сила. Проектот „Мојот моден отисок“ е резултат на креативна енергија, истражување и љубов кон македонската култура и текстилната уметност, личен моден израз инспириран од богатото културно наследство, беше речено на модната ревија.
Главната цел на проектот е да се покаже дека традицијата не е нешто старомодно или заборавено, туку извор на бесконечна инспирација. Македонските етно мотиви се преточени во современи форми и апликации, прилагодени на модата денес, но со длабока почит кон историјата и занаетчиството. Секој модел поседува свој визуелен идентитет, крој и приказна. Во нив се вметнати рачни апликации, везови, етно елементи и силуети што комбинираат традиционални и модерни форми.
Торбите се уникатно печатени и везени со етно мотиви и претставуваат носиви дела на уметност. Секоја торба носи во себе симболика, препознавање и локален идентитет. Модните додатоци (брошеви, обетки, колан) се дизајнирани за да се носат со гордост – како личен печат, но и како почит кон културната историја на нашиот народ.
Секоја изработка претставува автентичен и рачно изработен производ, резултат на труд, посветеност и креативна работа. Процесот опфати истражување на народни носии, изучување на традиционалните симболи, техники на везење, печатење на текстил, како и современо моделирање и стилизирање.
Проектот „Мојот моден отисок“ не е само изложба на производи – тој е платформа преку која се негува македонскиот идентитет. Во секое парче е втиснат личниот моден отисок на дизајнерките. Тоа е нивниот начин да зборуваат без зборови, преку боја, текстура и форма, оставајќи трага што се памети.
Текст и фото: Дамијана Ристевска






