Денес попладне екипата на Еурофарм Пелистер од Битола по летната пауза ги започна подготовките за наредната сезона, во која битолчани ќе се натпреваруваат во Супер лигата, Купот, и Лигата на Шампиони, а првиот официјален натревар е Супер купот против екипата на Вардар.
На денешниот работен состанок во спортската сала “Боро Чурлевски“ беше означен старт на сезоната 2025/26, а беа претставени новиот тренер Рубен Гарабаја и новите ракометари во ростерот.
На ракометарите им се обрати спортскиот директор Звонко Шундовски, а тренерот ја претстави својата програма на работа за ова лето.
-Во име на целокупната управа на клубот ви посакувам добредојде на стартот на подгтовките. Минатата година беше успешна, а годинава започнуваме со нов тренер, Рубен Гарабаја. Сакам да ви посакам и сега успешна година во Лигата на Шампионите. Тројца од засилувањата за оваа сезона се отсутни на овој работен состанок и првите тренинзи од оправдани причини. Сега стартуваме со новиот распоред за новите подготовки за оваа сезона, и ви посакувам успешна сезона.
Тренерот на Еурофарм Пелистер, Рубен Гарабаја, на првиот работен состанок рече:
-Добре ве најдов, а сакам да се претставам каков сум како тренер, а тоа ќе зависи од вашата одговорност. Сакам напорна работа, а мојата цел е сите играчи да си бидат тренери само на себе и да бидат одговорни за својата форма во текот на целата сезона. Ова е клуб кој расте, со играчи кои имаат огромен потенцијал. Мојата цел е да го кренеме нивото на секој еден играч, да ги исполниме целите на клубот и секој навивач да биде горд на одработеното. Суперлигата ќе биде тешка, секако нашата цел е да го одбраниме трофејот победувајќи на секој натпревар.
Во првата фаза од подготовките ракометарите на Еурофарм Пелистер ќе се подготвуваат во Битола, а базните подготовки ќе ги реализираат од 4. август на Златибор, ќе траат десет дена и ќе се одиграат првите контролни натпревари.
По враќањето во Македонија, ракометарите на Еурофарм Пелистер ќе учествуваат на турнирите во Охрид (19-23 август) и Скопје (28-31 август).
Првите официјални натпревари Еурофарм Пелисгер ќе ги одигра во септември. Суперкупот на Македонија против Вардар 1961 на 3 септември, првиот натпревар од Суперлигата на теренот на Бутел Скопје на 6/7 септември и првиот дуел од Лигата на шампионите против Загреб на 10/11 септември.
Во екипата на Еурофарм Пелистер дојдоа: Ибрахим Калед Валис (Бешикташ), Саид Хаидарирад (Партизан), Мирче Калајџиески (Еурофарм Пелистер 2), Рудолф Хекберт (Куенка), Ник Хенигман (Шартр) и Анџеј Видомски (Гвардиа Ополе).
Од клубот заминаа: Емилијан Ѓорговски, Урош Борзаш и Ненад Костески (Алкалоид), Мохамед Мамдух Шабиб, Филип Ивиќ, Павле Петровиќ.
Текст и фото: Сашо Ристевски










