Press "Enter" to skip to content

54. Семакедонска средба во село Трново, кај Битола – жртвата на нашите предци сила што не носи напред

Во потпелистерското село Трново над Битола традиционално по повод Илинден, се одржа 54. Семакедонска средба. Настанот го организираа Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – Битола, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес.Во Трново беа присутни градоначалникот на Битола Тони Коњановски, кој заедно со владината делегација предводена од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и замениците министри Марјан Ристески и Викторија Трајков ја посетија и црквата Успение Пресвета Богородица каде во чест на Илинден, богослужеше митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар.На народниот собир, во дворот на црквата Успение на Пресвета Богородица, министерот Тоошковски нагласи дека државата не е случајна творба, туку резултат на вековна борба.-Денес не сме тука за да потсетиме на минатото како на нешто изгубено, туку за да се инспирираме од него. Да ја претвориме жртвата на нашите предци во сила што не носи напред. Денес од Трново, испраќаме порака на самодоверба, дека сме обединети, дека можеме, дека сакаме. Не за да бидеме против некого, туку за да бидеме за себе, за Македонија, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.-Секој народ има ден во годината кога не само што слави, туку се собира со глава крената високо, си ја прегрнува татковината со гордост и си ветува себеси дека нема да се откаже, ниту од својот корен, ниту од своето име, ниту од својата чест. За нас Македонците, тој ден е Илинден. Собрани овде во Трново, ние сме жив доказ дека Македонија не е случајна творба, туку резултат на вековна борба, на пролеана крв и непоколеблива вера во правото на еден народ да биде свој на своето. Илинден е многу повеќе од обичен историски настан, дека тоа е темел врз кој се изгради нашата државност, истакна Тошковски.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, им се обрати на присутните, истакнувајќи ја важноста на поврзаноста со иселениците:-Нема подобро од родниот крај кој ви подава рака за враќање. Заедно да ја градиме иднината со подобри услови за живот и работа во нашиот град.  Општината ќе продолжи да ги негува културните врски и да соработува со иселениците на проекти од заеднички интерес, како и да ја унапредува меѓународната и меѓуграничната соработка со соседните земји.Според востановената традиција, на собирот во Трново се обратија повеќе јавни личности меѓу кои и Ефтим Митревски од Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција кој побара поддршка за македонците во Албанија и отец Никодим Царкњаз од Пожарско, Грција.

-Никој не може да не промени од светото македонско име. Се обидоа на секаков начин, пари фрлија за да не поткупат но пак неможат. Македонците во Албанија останаа и ќе останат признати од албанската држава како Македонци. А, оние „татари“ што бараат други луѓе, нема да ги најдат. Ветувам дека од Гора, Голо Брдо и од Преспа, низ сите градови во Албанија ќе останеме Македонци- истакна Митревски.Настанот беше збогатен со културно-уметничка програма, а во уметничкиот дел настапија членовите на КУД „Гоце Делчев“ од Битола.

Инаку, од 2014 година и обединувањето на 34-тата Погранична средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија и 43-тата Светска Македонска Иселеничка Средба во една и единствена Семакедонска средба.