На 19 и 20 август 2025 година, во просториите на Ректоратот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола се одржува работилница и состанок на Управувачкиот комитет на COST акцијата On-Dem, финансирана од Европската комисија.
Настанот обединува 15 учесници од 10 различни земји, кои активно дискутираат на теми поврзани со математичко моделирање и примената на методот на дискретни елементи – современ пристап во решавање комплексни инженерски и технички предизвици.
Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, во своето обраќање нагласи дека COST (Cooperation in Science and Technology) претставува важен европски механизам за поттикнување на истражувачката соработка, особено во областа на природните и техничките науки.
-Одржувањето на ваков настан на УКЛО е можност за меѓународно поврзување, иницирање заеднички проекти и промовирање на научниот капацитет на Универзитетот. Ваквите вмрежувања се мост кон поголеми и посложени истражувачки иницијативи, нагласи Неделковски.
Работилницата ја предводи Данијел Барето, вонреден професор по геотехнички науки на Универзитетот во Единбург, Шкотска и раководител на COST акцијата On-Dem. Според него, оваа четиригодишна програма, која моментално е во својата втора година, вклучува повеќе од 300 научници од 41 земја, вклучително и држави надвор од Европската унија. Целта е да се создаде поцврста врска меѓу науката и индустријата, преку развој на алатки и методологии кои овозможуваат поефикасно справување со реални инженерски проблеми.
Работата на учесниците продолжува и на вториот ден од настанот, при што во фокусот е разгледување на идни чекори и можности за проширување на мрежата и вклучување на нови истражувач.
Фото: Дамијана Ристевска






