-Денес на Пелистер се одржа “Pelister Downhill Cup“, 13. по ред, а на Пелистер многу луѓе на патеките, на Копанки, на платфорната на “Молика“ каде беше целта на трката многу адреналин, забава, уживање, награди.
-Најбрз на патеката Михаел Цораш од Грција, а Јовче Даскаловски, член на “Extreme bike team“ од Битола “задоцни“ само две секунди.
Убавиот, но прилично жежок ден, дури и за овој период на годината, крај на август, сепак создаден за на планина. Посебно убав за одржување на традиционалната 13. по ред, “Pelister Downhill Cup“ кој го организира “Extreme bike team“ од Битола.
Но, голем дел, не само од Битола, туку и од други градови, дојдени за традиционалниот “Pelister Downhill Cup“, да ги гледаат велосипедистите како храбро со своите модерни, планински велосипеди се спуштаат на определената патека “Копанки“, патека која смета за тешка, можеби во петте најтешки на Балканот.
Жичарата работеше во текот на целиот ден, велосипедистите со своите велосипеди се искачуваа до Копанки каде беше стартот на велосипедската патека. Тука велосипедистите се одмараа после квалификациите и го чекаа стартот на трката.
Низ целата патека имаше многу луѓе кои ги бодреа натпреварувачите чекајќи да видат некој бравурозен скок на велосипедистите, а денот како создаден и за натпреварувачите и за гледачите.
Тони Котевски, претседател на “Extreme bike team“ од Битола, организатор на трката ни рече:
-Денес имаме околу 80-тина напреварувачи, кои се натпреваруваат по скратена патека “Копанки“ поради сечета на моликата која е во овој регион на планината. Иако е скратена патеката оваа година на натпреварувачите им нудиме поголем предизвик, а според тоа какви се реакциите патеката е одлично подготвена, и безбедна патека. Ме радува што планината е полна со луѓе насекаде од стартот до целта.
Горан Исков, кој се погрижи со вработените да им понуди најдобри услови на сите натпреварувачи и гости.
-Ме радува тоа што тука на платформата на хотел “Молика“ е целта денес. Исто така и терасата на “Молика“ ресторанот, како и малиот детски парк се преполни. Битолчани уживаат на планина со кафе и други пијалоци, гледаат дел од патеката од тука од платформата на еден од најубавите скокови на патеката, и секако со аплауз и бодрење ги поздравуваат натпреварувачите кои ја поминуваат патеката во просек од 2 до 3 минути, вели директорот на хотелот “Молика“.
А на целта беше преполно, тука беа тимовите кои ги пречекуваа своите натпреварувачи, оние кои навиваа за своите велосипедисти. Целата атмосфера потсетуваше како сме на некој модерен центар на Алпите, каде се нуди забава за сите.
Фаворитот на трката беше Михаел Цораш од Грција, после квалификациите, и беше победник, односно имаше најдобро време, најбрз на патеката, со време 2,13 минути и ја доби највисоката парична награда.
Второ најдобро време имаше Јовче Даскаловски кој “задоцни“ само две секунди зад победникот со време од 2,15 секунди.
Пред да им ги додели наградите на најдобрите пет натпреварувачи, градоначалник на Битола, Тони Коњановски, рече:
-Ваквите настани ја промовираат спортската култура и адреналинската енергија, додека “Extreme Bike Bitola“ повторно покажаа одлична организација на натпреварот. Затоа разговарав со претседателот и со претставниците на клубот организатор дека можеби идната година, а можеби на јубилејното 15. издани оваа трка да го има епитетот “Европска“.
За крај следуваше отварање шампанско во чест на наградените и прскање со него.
Фото: Дамијана Ристевска











