По повод 11. Септември, Денот на ослободувањето на Ресен, во Домот на културата “Драги Тозиј“ отворена е Изложба на слики на познатиот сликар наивец Ристо Ристовски (1912 -1987), а беше промовирана и монографија за неговото дело.
Во присуство на голем број поклоници на ликовната уметност, на присутните во Ресенскиот “Сарај“ им се обрати директорот на НУ Дом на култура, Васко Василевски кој истакна дека творештвото на Ристовски со над 300 слики создадени за само три години, зазема значајно место во современата македонска ликовна уметност од областа на наивата.
За околностите за тоа како Ристо Ристовски започнал да се занимава со ликовно творештво говореше неговиот син, академик Васко Ташковски, кој нагласи дека непосреден повод за ликовната активност на Ристовски биле здравствените проблеми за потоа ликовното творештво за него да стане пасија и составен дел на секојдневието и животот.
Галеристот и организатор на оваа изложба д-р Драган Ристевски се осврна на мотивите и биографијата на Ристо Ристовски, кој инаку петнаесеттина години живеел и работел во одделот за воени прашања во Ресен и стасал до чин мајор.
За уметничките вредности на ликовното творештво на Ристо Ристовски, како и за семејната ликовна традиција со името на неговиот син, академик Васко Ташковски како и на неговата внука, академската сликарка Лара Ташковска, зборуваше ликовниот критичар Владо Ѓоревски – Рафик.
Ликовната уметност во Македонија има тројца врвни автори кои на достоинствен начин го презентираат современото македонско сликарство во светот.
Инаку, основна преокупација во ликовното творештво на Ристовски се мотиви и настани од секојдневието пред се во руралните средини на Преспа, Потпелистерието, Пелагонија и Мариово “видени“ со очите на авторот од почетокот на минатиот век.
С.Р.











