Одбојкаркиот клуб Пелистер Волеј од Битола синоќа во бар “Манаки“ го претстави новиот тим кој оваа година се враќа во Првата одбојкарска лига на Македонија и плановите како во оваа нова натпреварувачка сезона. На средбата беа промовирани и новите засилувања и новите дресови и комплена опрема со која тимот ќе настапува.
На промоцијата беа присутни градоначалникот на Битола, Тони Коњановски со кого ја потпишаа платформата за наредните две години, спонзорите и сите кои ќе бидат дел од клубот на разни начини во текот на оваа сезона.
Со пет нови одбојкарки и значително поамбициозен проект, Пелистер волеј се врати во Суперлигата и не крие дека сака да остави трага. Со репрезентативни засилувања и две странски одбојкарки пелистерки веруваат дека на пат се да изградат компетитивен тим.
Во име на стручниот штаб, тренерот Роберт Митковски откри дека подготовките течат според планот и следна цел е создавање на тимската хемија, што е предуслов за добра сезона и позитивни резултати.
-Ова е еден голем проект, кој што е осмислуван подолго време. Зад него застанаа голем број на луѓе, посебно Општина Битола, но и голем број на спонзори кои ја препознаа нашата работа и амбициозност. Пресреќни сме што новата сезона ја почнуваме бомбастично. Очекуваме високи амбиции, апетитите растат, но мора да бидеме внимателни. Суперлигата е многу моќна, на повисоко ниво од минатите сезони и нема да биде лесно.
За тоа како се одвиваат подготовките Митковски додаде:
-Екипата започна со подготовки на почетокот на август и сега играме контролни натпрвари за да се воиграме. Пред неколку дена играме тест меч во Србија со нашите пријатели од Врање и одигравме одличен натпревар. На секоја позиција имаме нов играч и сега треба да ги видиме сите недостатоци и ни треба време за воигрување. Ни следат уште доста натпревари, а тука е и нашиот традиционален турнир кој ќе се одржи на 21 септември и тоа ќе биде прв посериозен тест. Ќе ни гостуваат Панда Врање, Струмица Жени и УГД Штип. Се подигна духот и енергијата во екипата со доаѓањето на новајлиите и спојот со староседелците ќе ни донесе добра хемија. Се обидуваме адаптирањето да трае пократко и да ја воиграме екипата што е можно побрзо.
Градоначалникот Коњановски рече дека е горд што во Битола има еден ваков женски спортки колектив и додаде:
-Деновиве Битола е центар на спортот во Македонија, имавме фудбал, ракомет, а вечерва имаме промоција на нов тим, нова опрема, нови амбиции на еден битолски спортски проект, одбојкарскиот клуб Пелистер Волеј, на кој веднаш да им честитам на професиналниот начин кој го направија пред нас. Ја имаме и новата одбојкарска платформа, создадена за уште подобри услови за тренинг и натпревари на нашите одбојкарки, а тоа е и целта на работата, моја и на локалната самоуправа, да се вложува во развој на спортот. Ова е инвестиција во иднината на битолската одбојка, место каде младите таленти ќе се развиваат, а првиот тим на Пелистер Волеј ќе ги гради своите победи. Битола отсекогаш била спортски град а од денес уште посилна и во одбојката, а верувајте каде и да одиме низ државата ни заводуваат за тоа што имаме квалитетен спорт во Битола.
Пред новата сезона за нивните први впечатоци зборуваа и странските засилувања, Шајник Мек Ги од САД и Алина Жевлахова, кои искажаа благодарност за приемот во Битола, за тоа како се примени и прифатени и нивните соиграчки.
-Ние се чувствуваме како дома, одлилно сме прифатени од сите во клубот, девојките се одлични и се обидуваат на секој начин да ни помогнарт, било да сме на терен, во совлекувалните или низ град. Се надеваме дека ќе имаме успешна сезона со многу победи за радост на сите во Битола.
Пелистер Волеј имаа сезона има три домашни репрезентативни засилувања, Симона Стојановска, Мартина Николова и Ева Трпевска. Симона и Мартина, заборуваа за плановите на тимот и рекоа:
-Го препознавме квалитетот на овој клуб и амбициите кои ги има раководтвото, а ние сме тука да ги оствариме со многу работи и верба во нас самите. Имаме силна конкуренција во другите екипи, но ќе одиме чекор по чекор. Прво да ја поминеме групната фаза и да обезбедиме пласман до првите шест екипи, а потоа продолжува во разигрувањето. Имаме силна екипа, имаме амбиции, и се надеваме на повисок пласман.
Капитенот на Пелистер Волеј, Стефани Најдановска за својот тим рече:
-Горда сум што еве и оваа годин сум капитен на Пелистер, а имам и обврска кон моите соиграчки и кон сите, прво јас заедно со останатите да се покажеме во одлично светло оваа сезона. Нема да зборувам за амбициите и за сезоната бидејќи се кажаа пред мене кои зборуваат. Јас ќе додадам дека имаме одлична хемија, сите сме заедни на теренот и надвор од него, одлучуваме за некои работи сите заедно. Првата одлука која донесовме беше за дизајнот на дресот и не погрешивме, имаме преубав дрес, а се надеваме дека и во сите одлучи ќе бидеме едногласни и ќе бидат правилни. Сакам да ја повикам битолската публика да биде со нас на секој натпревар, а за поддршката која ја имаме уште сега пред почетокот на сезоната ќе возвратиме со добри игри, залагање и победи.
Пелистер Волеј на сите спонзори, на сите кои помагат на било кој начин и на новинарите во знак на почит им подари стилизиран дрес, за спомен на оваа нова сезона.
Сашо Ристевски
Фото: Дамијана Ристевска











