Press "Enter" to skip to content

На УКЛО се раѓаат идни професионалци, визионери и двигатели на промените, Софи Гајтановска

На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, секој студент има простор да го истражи својот потенцијал, да сонува големи цели и да гради пат кој остава трага. УКЛО постојано создава услови младите да се развиваат во целосни личности – подготвени за предизвиците на современиот свет.

Во таа насока, особена вредност имаат платформите кои ја надополнуваат наставата со реални искуства. Една од нив е Алијансата КОЛОРС https://uklo.edu.mk/colours/ –  моќен двигател на студентска активност, преку која младите добиваат можност да учествуваат во креативни, интердисциплинарни и европски ориентирани теми.

Во овој циклус објави ги претставуваме двете добитнички на престижното признание „Инженерски прстен“ – дипломки на УКЛО, кои со својата посветеност, визија и резултати се вистински пример за тоа што значи да се биде дел од оваа академска заедница.Софи Гајтановска – Факултет за информатички и комуникациски технологии – УКЛО, добитничка на признанието „Инженерски прстен“

Моето студирање на Факултетот за информатички и комуникациски технологии – ФИКТ при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола беше исполнето со знаење, посветеност и многу значајни искуства. Од самите почетоци бев активно вклучена во студентскиот живот како член на Факултетското и Универзитетското студентско собрание, каде што имав можност да учествувам во носењето одлуки и да придонесам за подобрување на академската заедница.

Мојот научен труд беше објавен во списанието Horizons, што за мене претставуваше голема чест и поттик за понатамошен развој. Во текот на студиите соработував со професори кои беа инспиративни и посветени, и со студенти кои создадоа позитивна и мотивирачка средина за учење и развој.

Како резултат на континуираната работа и постигнувања, бев прогласена за талент на УКЛО, како и за најдобро дипломиран студент на ФИКТ, и една од најдобрите дипломирани студенти на УКЛО. Овие признанија се потврда за вложениот труд, но и за поддршката што ја добив од факултетот.Круна на моето академско патување е добивањето на Инженерскиот прстен 2025, признание што го доживувам како чест и обврска да продолжам со посветена работа во инженерството. Горда сум на сите искуства и можности што ми ги овозможи ФИКТ и со благодарност ги носам сите спомени, знаења и пријателства што ги стекнав во текот на студирањето.

Така зборува Софи Гајтановска – доказ дека успехот се гради со труд, напор, залагање и визија. Нејзиниот пример е инспирација за сите идни студенти на УКЛО.

На УКЛО, ваквите успеси не се случајни. Тие се резултат на поддржувачка академска средина што го вреднува квалитетот, ги препознава талентите и создава услови за нивен развој. Дел од таа поддршка се и студентските платформи како КОЛОРС – можност за практично искуство, соработка и европски перспективи.

Овие успешни  приказни се потсетник дека сè започнува со првиот чекор – а УКЛО е место каде што тој чекор прераснува во вистински напредок.