Марко Вељановски од Битола е 42-годишен рекреативен маратонец и член на групата „Битолски бавни тркачи“. Зад себе има повеќе од десет маратони и голем број полумаратони, а неодамна заедно со групата ја однесе победата на полумаратонот во рамките на трката „Трчај бе“ во Битола. Неговата приказна не е за професионални норми, туку за истрајност, дисциплина и мали, секојдневни победи. Важен дел од неговата приказна е и поддршката од најблиските.
-Најголемата сила ја добивам од семејството, фамилијата и пријателите кои стојат зад моите успеси. Нема поголема мотивација од моментот кога ќе слушнеш познат глас како те охрабрува, тогаш секогаш си чекор поблиску до целта, вели Марко и додава:
-Зад себе имам 11 маратони и една 6-часовна трка, и сите ми се по нешто драги. Највреден за мене останува маратонот во Скопје, кога за првпат ја симнав границата од три часа на 2:58:50. Тоа беше мојата најголема тркачка желба, личен врв што и денес ме води низ сите трки. Желба ми е уште еднаш да ја урнам таа граница и сигурен сум дека ќе успеам“ – додава тој.
Патот до маратоните почнал пред девет години, кога почувствувал дека мора да направи промена. Работејќи во смени, со нередовна исхрана и постојан замор, сфатил дека животниот стил го води во погрешна насока. „Кога ќе се задушиш додека ги врзуваш врвките од патиките, знаеш дека е крајно време нешто да смениш,“ се присетува тој. На првиот тренинг едвај споил неколку стотини метри. Но веќе следниот ден повторно излегол на патеката, со болни мускули, но со чувство дека токму тоа му е потребно. Од тој момент трчањето станало негов личен избор, дисциплина и начин на живот, без ниту една подолга пауза.
Првиот маратон – од невозможна мисија до личен врв
Во почетоците воопшто не помислувал на маратон. Тоа изгледало како невозможна мисија. Од мал често следел атлетика и се воодушевувал на издржливоста на маратонците, но не можел да разбере како е можно да се истрчаат толку километри со такво темпо. Првата мисла дека може да истрча маратон му се јавила по вториот полумаратон во Скопје, кога стекнал самодоверба и си поставил цел да истрча маратон под три часа и триесет минути. Тој сон се остварил на неговиот прв маратон и токму тогаш сфатил дека маратонската патека е местото што најмногу го исполнува.
„Битолски бавни тркачи“ – од шега до бренд
Трчањето за Марко никогаш не било само индивидуален предизвик. Паралелно со личната приказна се градела и една друга приказна. Приказната на „Битолски бавни тркачи“. Тоа е неформална група на ентузијасти и вљубеници во трчањето, во која се споделува заедничката страст и во која секој учи еден од друг. Шеговито се нарекле „бавни“, име што на крајот станало и препознатливо.
-Да бидам искрен, без БИТОЛСКИ БАВНИ ТРКАЧИ тешко дека ќе ги имавме овие резултати, вели Марко.
Членовите имаат слично ниво на подготвеност, па заедно можат да одработат било каков тренинг, а на трки едноставно се влечат еден со друг и ги подобруваат своите најдобри времиња.

Тимскиот дух најдобро се потврди на „Трчај бе“, кога групата го освои првото место на полумаратонот, уште една награда што ја носи Битола низ тркачките патеки на Македонија и дополнителна мотивација за идни себенадминувања. Во групата „Битолски бавни тркачи“, покрај Марко Вељановски, трчаат и Методиј Богоевски, Томе Горјанов, Александар Стојковски, Љупчо Стојановски, Николина Милевска Вељановска и Блашко Ѓоргиев. Секој од нив на свој начин ја гради заедничката приказна, а заедно ја претставуваат Битола низ тркачките патеки низ Македонија. „Се надевам БИТОЛСКИ БАВНИ ТРКАЧИ како бренд ќе станат мотивација за секој оној кој трча или планира еден ден да почне“ додава тој.
Трчањето како начин на живот
За Марко, трчањето одамна престанало да биде само спорт. Тоа е лек, дисциплина и начин на живот. „Има ли поголема мотивација од тоа како трчањето ти помага да се чувствуваш поздраво, помоќно и поисполнето? Јас не паметам во кој дел од мојата младост сум се чувствувал толку силно како сега, на 42 години. Кога луѓето ме прашуваат ‘Зошто трчаш?’ – одговорот е краток: за да останам нормален,“ вели тој со насмевка.
Маратоните, вели Марко, се посебен предизвик пред сè поради психичката борба. „Знаеш дека нозете ќе издржат, но мораш да го убедиш мозокот. Затоа маратоните се толку посебни – во борбата е вклучено целото тело. Како што вели Кипчоге:
-30 км трчаш со нозе, 10 км со мозок, 2 км со срце и последните 200 метри – во солзи. Ако ја добиеш таа битка, веќе си победник.
Сепак, и покрај страста и љубовта кон трчањето, постојат и тешки моменти. Заморот често е присутен по трки или напорни тренинзи, а мотивацијата знае да падне.
-Проблем е да ја задржиш на високо ниво, признава Марко. Често тренираш напорно, а не можеш да срушиш некој рекорд. Но тоа е дел од патеката, повеќе не сме на ниво кога секоја трка е личен рекорд, туку на ниво кога се бориме да останеме во форма и да се себенадминувавме. Борбата е секогаш со себеси. Не сум професионалец, не можам да се споредувам со нив. Тие имаат тренери, услови, финансии и време. Нашата борба е поинаква, аматерска, но можеби токму затоа е и послатка.
Планови и идни цели
Марко и понатаму планира да учествува на градските трки низ Македонија со „Битолски бавни тркачи“ и индивидуално. Целта му се два до три маратони годишно надвор од државата. Во календарот веќе се вбројуваат Струга, штафетниот маратон во Скопје и долгочекуваниот Котор во декември. Големата желба останува еден ден да се трча и на светските маратони, но пред сè да остане здрав и без повреди, бидејќи, како што вели Марко: „Трчањето е начин на живот и не можам да се замислам без него.“
Предизвици и порака за иднината
Трчањето не е само физичка активност, туку духовен вентил, начин да ја ослободи негативната енергија и да се врати дома исполнет и смирен. „Тоа е мојот лек, мојот мир,“ вели Марко. Но истовремено признава дека условите во Битола се далеку од идеални: „Немаме обележана патека, ниту еден метар тартан, немаме тренери, поддршка во суплемети или финансии за дополнителни подготовки. Сè што правиме е со личен ангажман и голема желба.“
И токму таа упорност ја прави разликата. „Не треба да си професионалец за да уживаш во трчањето. Доволно е да сакаш да си докажеш себеси дека можеш да ги поместиш сопствените граници,“ додава Марко. Неговата порака е едноставна: секој што има желба може да започне, а трчањето ќе му возврати со сила, истрајност и чувство на победа.
„Најтешко е да ги врзеш врвките, после сè е лесно.“











