Press "Enter" to skip to content

Промовирана сликовницата “Ако одам во Битола“ на Ротари клуб “Широк Сокак“, “Фолконика“ и ОУ “Коле Канински“

Ротари Клубот Битола “Широк Сокак“ во соработка со “Фолконика“ и ОУ “Коле Канински“ го реализираа промотивно- забавниот настан Детска патувачка фолк библиотека, на која се промовираше сликовницата “Ако одам во Битола“.Ротари Клубот Битола “Широк Сокак“ во своите активности секогаш ги поддржува проектните активности наменети за деца, па така овој настан имаше за цел да се едуцираат најмладите генерации со македонската фолк музика, фолклорното и литературно музичко творештво.  Целта на денешниот настан беше да се негува фолклорот и народните музички вредности, насочени кон најмладата популација.

Детска патувачка фолк библиотека понуди програма за децата и издавање на нова музичка фолк сликовница. На денешниот промотивно- забавен настан, се промовираше сликовницата, со наслов “АКО ОДАМ ВО БИТОЛА“, на авторот Петар Георгиев- Калица, позната и уникатна народна песна за битолскиот крај.Фолконика ја негуваат идејата на автентичен начин да го доближат музичкото народно творештво до најмалите, изработувајќи сликовница, која ја зачувува автентичноста на текстот. За истата е направена мелографија, од музички педагог и илустрирана од академски сликар, со цел песната да се доближи до децата на најавтентичен можен начин. Ова е иновативен спој од ваков вид на нашите простори, во детското издаваштво.Денес, учениците од ОУ “Коле Канински“ со еден глас ја пееја песната “Ако одам во Битола“. Насмевски, емоции, музика и песна ечеше од Магазата во Битола. Детските гласови силно одекнаа утринава означувајќи го искуството кое има огромна вредност за нивниот раст и развој, поттикнувајќи го чувството на национален идентитет во насока на градење на вредности кон културата, музичкиот и пишан збор.На настанот присутните ги поздрави и авторот на песната Петар Георгиев- Калица, изразувајќи благодарност за оддадената почит кон песната и авторот. Настанот беше поддржан и од “Кромберг и Шуберт Битола“.Децата секогаш ја имаат онаа убава енергија која сплотува и зближува. Така, и денес, на едно место ги собраа луѓето кои веруваат во моќта на македонското музичко народно творештво. Денот на мирот, чија тема оваа 2025 година е: „Делувајте сега за мирен свет“, Ротари Клубот Битола Широк Сокак со своите пријатели го прослави на еден автентичен начин.