На стадионот “Петар Милошевски“ во Битола беше успешно реализирана практична вежба за евакуација и противпожарна заштита, чија цел беше проверка на подготвеноста, координацијата и ефикасноста на надлежните субјекти во услови на настанување на пожар или друга вонредна состојба.
Вежбата беше организирана од страна на компанијата “Премиум Сејфти Солушн“, на иницијативна и во соработка со Општина Битола и ЈП “Комуналец“ и со учество на релевантни служби и лица задолжени за безбедноста и спроведувањето на мерките за заштита и спасување.
Во рамки на вежбата беше симулирана кризна ситуација при која беше демонстриран начинот на активирање на процедурите за евакуација, известување и алармирање, насочување на присутните кон безбедни излези и собирни места, како и координација на лицата одговорни за спроведување на противпожарните мерки.
Посебно внимание беше посветено на брзото и организирано евакуирање на присутните, спречување на создавање паника и обезбедување непречен пристап за интервентните служби.
Целта на вежбата беше да се провери практичната применливост на утврдените процедури, да се идентификуваат можните слабости и да се унапреди подготвеноста за навремено и ефикасно реагирање во случај на пожар, евакуација или друга опасност.
-Безбедноста на граѓаните и навременото и правилно постапување во услови на пожар или друга вонредна состојба се од особено значење, особено на објекти каде што во исто време може да има голем број лица. Преку ваквите вежби не само што се проверува подготвеноста на службите, туку се идентификуваат и можните слабости со цел тие навремено да се отстранат, истакнува Марија Кукуноска, управител на “Премиум Сејфти Солушн“.
“Премиум Сејфти Солушн“, во соработка со Општина Битола и Јавното комунално претпријатие, со реализацијата на оваа вежба го потврди значењето на превентивното делување и континуираното унапредување на системот на безбедност.
-Безбедноста на граѓаните е една од најважните одговорности на секоја локална самоуправа. Токму затоа, ваквите практични вежби за евакуација и противпожарна заштита имаат големо значење, бидејќи овозможуваат навремено да се проверат процедурите, координацијата и подготвеноста за реагирање во ситуации кои можат да го загрозат животот и здравјето на граѓаните. Денешната вежба на стадионот во Битола покажа дека со добра организација, координација и заедничко делување можеме навремено и ефикасно да одговориме на предизвиците. Општина Битола ќе продолжи да ја поддржува реализацијата на вакви превентивни активности, бидејќи подготвеноста не се создава во моментот кога ќе се случи несреќа – таа се гради преку планирање, обука, координација и практично вежбање. Нашата заедничка цел е Битола да биде безбедна општина, а граѓаните да имаат доверба дека институциите и службите се подготвени навремено да реагираат кога тоа е најпотребно. Им благодарам на сите учесници за професионалноста, ангажманот и одговорниот пристап кон реализацијата на оваа вежба, изјави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.
Практичните вежби од ваков тип претставуваат важен дел од системот за заштита на животот и здравјето на граѓаните, вработените, посетителите и сите учесници на јавни настани, особено на објекти со голем број присутни лица.
Вежбата беше реализирана успешно, со активна координација и соработка меѓу учесниците, при што беа проверени клучните постапки за евакуација и реагирање при пожар.
Премиум Сејфти Солушн останува посветен на унапредувањето на културата на безбедност, превентивното делување и подигнувањето на нивото на подготвеност на институциите и организациите за справување со ризици и вонредни ситуации.
Фото: Дамијана Ристевска






