Press "Enter" to skip to content

Промоција на Монографијата, посветена на Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ Битола (фото)

Во рамките на одбележувањето на 80 години од основањето, во Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ Битола, се одржа промоција на Монографијата, посветена на оваа установа во периодот 1945-2025 година.По прикажувањето на документарен филм, поздравна реч одржа директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“, м-р Емилија Стефановска Дафкова која рече:-Со голема чест и искрено задоволство денес ја претставуваме Монографијата посветена на осумдесетгодишнината од постоењето на Националната установа – Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола. За нас, авторите и уредниците, овој труд беше вистински предизвик и инспирација. Нашата одлука да создадеме монографско издание кое е поинакво од претходните произлегуваше од желбата оваа книга да биде не само сведоштво за историјата, туку и документ кој живее со времето и говори со иднината.Библиотеката, која со гордост го носи името на св. Климент Охридски, а е вкоренета во градот Битолакако град на Via Egnatia, претставува симбол на континуитет и културна меморија. Важно е да се потенцира дека нашата институција е наследник и продолжувач на една книжевна и културна традиција чијашто историја започнува од X и XI век, преку првите манастирски библиотеки на територијата на Битола и битолско а своето влијание го задржува низ целиот период до XVII век, како што сведочат зачуваните ракописи од овој регион. Затоа и овие осум децении не се само временска одредница, туку значаен период на воспоставување, унапредување и зачувување на македонската писменост и книжевност.Монографијата документирано и систематски ја прикажува историјата на нашата библиотека, нејзините изданија, современите активности и трансформацијата во институција која одамна ја надмина улогата на класично библиотекарско депо.  Денес, НУУБ „Св. Климент Охридски“ е активен центар на дигитализација, на мултимедијални настани, на современи медиумски комуникации и на едукативни процеси, прилагодувајќи се на новите потреби на заедницата.Со својот универзитетски статус, Библиотеката е исправена пред обврската да биде проактивен учесник и во областа на науката. Затоа, оваа монографија не е само приказ на минатото – таа е патоказ за иднината, за визијата и мисијата на една институција која и понатаму ќе остане чувар и на културното наследство.За самата монографија, нејзината содржина и историскиот осврт, говореше промоторката проф. д-р Наташа Котлар.На градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, му беше доделена плакета во знак на благодарност за соработката со оваа значајна битолска установа.Плакета му беше доделена и на “Графопром“ Битола компанија која ја испечати монографијата.

Фото: Дамијана Ристевска