Press "Enter" to skip to content

Зајакнување на научно-истражувачките капацитети на УКЛО Битола со значајни резултати

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола со особена гордост ги истакнува најновите успеси на своите единици во областа на научно-истражувачката дејност, преку одобрените проекти поддржани од Министерството за образование и наука. Овие проекти претставуваат признание за квалитетот, истрајноста и научната зрелост на наставно-научниот кадар на УКЛО, како и на младите истражувачи кои активно придонесуваат кон унапредување на знаењето во различни области. Низ серијал се осврнуваме на седум проекти што ја рефлектираат стратешката посветеност на Универзитетот на научното истражување, иновацијата и развојот. 

Факултет за биотехнички науки – Битола

Научно-истражувачки проект: „Паметна платформа за мониторинг на крави и производство на функционален млечен производ“ COW-TEC,главен истражувач, проф. д-р Гордана Димитровска. Проектот COW-TECH претставува интегрирана научно-технолошка иницијатива насочена кон развој на иновативни решенија за одржливо и конкурентно млечно производство. Неговата основна цел е воспоставување на дигитална платформа за континуирано следење на добросостојбата на млечните говеда преку примена на сензорски оглавници и напредна софтверска обработка на податоци.

Проектот опфаќа систематска научна анализа на корелацијата меѓу параметрите на добросостојба и квалитетот на произведеното млеко, со посебен фокус на физичко-хемиските, функционалните и микробиолошките карактеристики. Собраните податоци ќе послужат како основа за производство на функционално бело сирење со додадена вредност, збогатено со природни зачини и со подобрени нутритивни својства. Паралелно, ќе биде изработен предиктивен модел кој ќе ги поврзе биолошките индикатори на животните со квалитетот на суровината и финалниот производ, овозможувајќи прецизни препораки за „smart farming“ управување со фармата.Важноста на проектот е повеќеслојна:

  • За фармерите, тој нуди практична, технолошки поддржана алатка за подобрување на здравјето, продуктивноста и економската ефикасност на стадото.
  • За потрошувачите, гарантира повисок квалитет и функционалност на млечните производи, засновани на етички стандарди на производство.
  • За академската заедница, создава реални услови за теренска и лабораториска обука, со што Факултетот за биотехнички науки ќе располага со комплетна огледна фарма за студентите од сите три циклуси на студии.

Проектот е целосно усогласен со националните приоритети за дигитална трансформација и паметна специјализација во земјоделството, а неговите резултати имаат висок потенцијал за меѓународна соработка преку научни публикации, конференции и заеднички истражувања со реномирани европски институции. COW-TECH ќе ја зајакне истражувачката позиција на Факултетот како национален лидер во својата област. Проектот ќе придонесе за зголемување на видливоста на УКЛО на меѓународната научна сцена, демонстрирајќи дека Универзитетот успешно иницира, спроведува и имплементира проекти кои истовремено создаваат нови научни знаења и обезбедуваат директни економски и општествени придобивки.

Со реализацијата на COW-TECH, УКЛО ја потврдува својата посветеност кон модернизација на сточарството, интеграција на дигиталните технологии и унапредување на образованието преку практична настава и истражувања кои одговараат на реалните потреби на секторот.

Овие активности се целосно усогласени со стратегиската ориентација на УКЛО за градење конкурентна и одржлива истражувачка основа, интернационализација и активно учество во европскиот истражувачки простор. Како полноправна членка на КОЛОРС Алијансата, УКЛО дополнително ги консолидира своите напори за транснационална научна соработка и поврзување и со други водечки иницијативи – со што ја зацврстува својата позиција како модерен и истражувачки ориентиран универзитет и им отвора пошироки европски перспективи на своите студенти на трите циклуси на студирање.