-Ако се надевате дека ќе најдете којзнае што тоа нема да се случи, но секој ќе најде нешто за себе, ако не роба, ќе се напие фрапе, ќе јаде гиро, суфлаки и печен кукурец. А сигурно е дека на неколку часа ќе се одмори од темата на денот во Битола – кој ќе биде градоначаник, кој советник…И оваа година, како и секој октомври се одржува големиот годишен панаѓур во Аминдео, Грција, на кој може да се најде богата понуда на разновидна роба, вкусна храна и забава за посетителите. Комплекс на тезги се наоѓа низ целиот градски центар, неколку километри, а традиционално се одликува со голема посетеност, од жителите од Северна Грција. Но заради близината околу 60 километри, панаѓурот е посетен од голем број на битолчани, а има и прилепчани, охриѓани, ресенчани…
Како што споменавме на почетокот, не очекувајте ќе најдете којзнае што, но сепак вреди да се посети и доживее атмосферата на панаѓурот во Аминдео.
Инаку, оваа традиција започнала уште од многу одамна, а месецот октомври е секогаш резервиран за овој панаѓур кој трае четири дена, од четврток до недела. Деновите петок навечер, сабота и недела се ударни. Ние го посетивме вчера, петок и ви ги пренесуваме впечатоците. Тоа е во претпладневните часови кога беше малку “полабаво“, а панаѓурското лудило започнува петок навечер.
Секоја година бројот на посетители е сè поголем и поголем, особено поради големиот број тезги на кој се нудат најразлични производи.
Тука може да се најде разновидна облека за сезоната есен/ зима, чанти, новчаници, патики, веш, чорапи во илјадници дезени, воен текстил, украси, теписи, теписони, патеки, разна техничка стока, преубави големи ореви и зрнести производи, кујнски прибор, алати, домашни миленичиња, аквариумски риби, зајачиња, морски прасиња…
На тезгите кои се наоѓаат “под пругата“ на првата улица, преку кружниот тек – лево и десно, се до центарот, пред црквата, на плоштадот може да се најде превкусната грчка традиционална храна, локумадес, грчка алва, баклава, раванија, локуми, разни слатки производи или печени костени и пченка од Лутраки.
Посетеноста е навистина голема особено поради ниските цени (како за кој производ). Голем број облека од разни бреднови, поставена на тезги кои се покриени, да има промет во случај на дожд – како што беше минатата година, во сите големини и илјадници дезени, кои е не можете ни да ги замислите.
На панаѓурот, како ни рекоа дел од “тезгаџиите“ доаѓаат продавачи од сите локални места во Грција и ги продаваат своите производи. Додека се шетаме, ве повикуваа да купите многу гласно, нудејќи го своите прозводи, “по евро“, “три за пет евра“, “шест за десет“, “попуст за 50 проценти“, “куп две – плати едно“, и друго трговски финти, но нема ценкање, цените се тие кои се видвиво напишани, а не се разликуваат многу од цените кои се продаваат на тезгите во Битола. Но има и повисоки цени, бидејќи искусните тезгаџии знаат дека секој кој доаѓа нема да замине без да си купи по нешто.
Има и некои ефтини производи, но сепак треба да се најдат во морето на производи, ги има навистина многу. Но поради големата гужва викендов тоа ќе биде потешко, а луѓе доаѓаат и си одат како река, а на моменти тешко се разминувате.
Во ако не сте по купувањето во малото гратче Аминдеон со околу 4-500 жители освен панаѓурот, низ автентичните локали и кафе-барови може да си поминете преубаво, а на сонце во октомври, на локалниот плоштад тоа е ретка привилегија.
Со фрапе, со гиро или суфлаки, или кукурец печени на скарите кои ги има многу, или едноставно со бело пециво од локалната пекара ќе со поминете праубаво и на неколку часа ќе бидете далеку од локалните избори и штабските математики.
Ж. Ристевска
Фото: Сашо Ристевски