По повод 105 годишнината од раѓањето на народниот херој Стеван Наумов-Стив, вечерва учениците на ООУ “Стив Наумов“ од Битола и нивните ментори, со централна приредба во Центарот на култура, во големата сала, пред присутните, повеќе од осумстотини гости, родители, роднини, видни личности од јавниот живот и соработници ги заокружија деновите на прославувањето на нивниот патронен празник.
Имено, централната приредба беше круна на прославата. На сцената продефилираа повеќе од тристотини ученици со подготвена драматизација, балетски точки, фолклорна група, хор, инструменталисти и најмалите со одлични кореографски точки кои ја испратија единствената порака за сите: “Во дигиталната ера-да ја зачуваме магијата на детството“.
Во програма од скоро еден час, салата се исполни со детски искрени насмевки, ведри лица, силни ѕвонливи гласови и пораки за љубов, мир и среќа за секое дете.
Свое обраќање имаше и директорот на основното училиште, Никола Пискачев кој низ видеоматеријал премиерно ги претстави сите досегашни достигнувања, тргнувајќи од поставувањето на фотоволтаиците, до топлинските пумпи и најновото, енергетска фасада, со што училиштето оправдано го понесува епитетот модерно европско училиште. Тој истакна:
-“Стив Наумов“ одамна е друга приказна- тоа е патоказ, стандард како треба да изгледа едно европско училиште каде се гради знаење, каде се поттикнува креативноста, каде се создаваат лидери. Со нашата визија, а со помош на општината и Владата, успешно ја имплементиравме технологијата, создавајќи инфраструктура која ги поддржува најновите образовни и животни стандарди. Да се создаде економски и енергетски одржливо училиште опремено со фотоволтаици, топлотни пумпи и последно енергетска фасада, е приказ за модерно, европско училиште, дизајнирано во согласност со највисоките енргетски стандарди кои не само што ја подобруваат енергетската ефикасност, туку и ја зајакнуваат нашата одговорност кон заштитата на животната средина.
-Заедно продолжуваме, тимот на наставници и ентузијазмот и мотивираноста на учениците, соработката на родителите и мојата лична посветеност, да се истакнеме како пример во државата, училиште кои ги следи светските текови и кое ќе биде инспирација за другите. Под светлоста на новите рефлектори нема да блеска само сликата на последниот успешен проект за нас, ами ќе блеска нашата мисија и напори следно да ја имаме и новата спортска сала и да го оправдаме епитетот на најмодерно и најуспешно место за образование. За нас нека зборуваат делата, додаде Пискачев.
На свечената приредба и претходеа низа на настани како општински спортски натпревари во шах, мал фудбал, пинг-понг и одбојка. Беа реализирани и литературен и ликовен конкурс со учество на творби од целата држава, а прогласувањето на победниците и пригодните награди им беа доделени во училиштето и истакнати на веб-страната како би можело да им се направи широка промоција на нивното творештво и талент.
Посебно за истакнување е веќе традиционалната крводарителска акција во соработка со Црвениот крст, на која се вклучуваат вработените, родители и надворешни лица, со што од година во година се зголемува бројот на хумани и благородни лица подготвени да ја подарат најдрагоцената капка.
Деновите на прославувањето и оваа година вклучија низа на еколошки акции, како чистење на училишниот двор, хортикултурно уредување на дворот, но и оплеменување на ходниците и создавање на пријатна работна средина по мерка на секој ученик.
Фото: Сашо Ристевски






