Марија Стојановска од Педагошкиот факултет – Битола e најдобриот оратор на УКЛО ТРИВИУМ, што се одржа на 29 април 2026, во организација на УСС УКЛО.
Второто место го освои Иван Петрески од Факултетот за безбедност – Скопје и трето место му припадна на Благој Лечковски од Техничкиот факултет – Битола.
Одлуката ја донесе Жири комисија во состав: м-р Соња Тантарова-Груевска, главен и одговорен уредник на УКЛО ФМ и професорките: Мимоза Богданоска Јовановска од Факултетот за информатички и комуникациски технологии -Битола и д-р Ангелина Станојоска од Правен факултет – Кичево.
Учесниците на УКЛО ТРИВИУМ од различни единици на УКЛО се претставија со ораторски говори по слободен избор и разработија проблематика која ја сметаат за блиска и соодветна за младите луѓе.
Лидерот на студентите на УКЛО Антонио Петковски им честита за храброста да пренесат силни идеи и да ги искажаа гласно своите визионерски погледи. Најновото издание на УКЛО ТРИВИУМ е доказ за упорноста и истрајноста на студентите да бидат силен глас на Универзитетот, поттикнувачи на современа преродба кај младите – авангарда во академијата и општеството.
Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски, осврнувајќи се на значењето на ораторските вештини кои постојат уште од почетоците на цивилизацијата, истакна дека и во време кога аудио-визуелната комуникација станува се поактуелна, способноста за јавно изразување останува клучна алатка за влијание и комуникација. Тој изрази особено задоволство и восхит од студентите, нивниот начин на изразување и зрелоста во темите што ги обработуваат.

Проректорката за студентски работи, проф. д-р Светлана Николоска при врачување на наградите и ловоровиот венец за најдобриот оратор, истакна дека УКЛО ТРИВИУМ е токму тоа – можност студентите да го заземат своето централно место, клучното место што им припаѓа како во Универзитетот, така и во општеството и ги поттикна да бидат силен глас што треба се повеќе да се слуша, да бидат предводници на новото време во кое повозрасните треба се повеќе да ги слушаат младите.
Манифестацијата се одржа со колоритност на теми и младешка енергијата, во духот на Европската универзитетска алијанса КОЛОРС и покажа дека УКЛО ТРИВИУМ е убав студентски и универзитетски настан организиран од УСС УКЛО, во рамки на одбележувањето на Денот на основањето на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.






