Вечерва во Малата сала на Центарот за култура во Битола свечено беше отворен 33. Интернационален фестивал на аматерскиот документарен филм, во присуство на наградените, жиро комисијата и љубителите на аматерскиот документарен филм.
Фестивалот за отворен го прогласи Стефан Хаџиантоновски – претседател на кин0-клубот “Студио Милтон Манаки“, кој при тоа рече:
-Вечерва имам чест да ве поздравам и да го отворам 33. издание на Интернационален фестивал на аматерскиот документарен филм, со кој одбележуваме голем јубилеј, а тоа е 120 години од купувањето на “Камера 300“ од страна на Милтон Манаки во Лондон од компанизата “Урбан“, од моделот “биоскоп“ – сериски бро 300. Секако одбележуваме исто така и 120 години од снимањето на првиот документарен фил не само во Битола, туку и многу пошироко од Балканот. Првиот филм, односно првиот филмски запис на овие простори кој е направен со “Камера 300“ е филмот за баба Деспина, во 1905 година, кој е камен темелник за македонската филмска историја, а првите подвижни слики кои наедно биле први на Балканот е снимањето на нивната 114-годишна баба, Деспина како преде со други жени од семеството и соседството. По тој повод на официјалниот плакат е поставена дел од таа снимка.
Хаџиантоновски рече дека на конкурсот за испраќање на документарни филмови пристигнале 28 филмови, а во конкуренција се ставени 12, а сите ќе бидат прикажани во двата фестивалски денови во Малата сала.
Комисијата во состав Благојче Божиновски од Битола – Македонија, д-р Антон Антонов од Шумен – Бугарија, Алкиведис Восду од Лерин – Грција, м-р Гоце Господиновски од Делчево – Македонија и Диме Талевски од Битола најголемата награда на Фестивалот и ја доделија на Ема Зафировска од Велика Британија по потекло од Македонија за филмот “Мајчински инстикти“.
Златна плекета “Камера 300“ и е доделена на Валентина Андреиќ од Македонија за филмот “Три манастирски цркви во Куманово“, сребрениот медал на УНИКА е за Надица Петровиќ од Македонија за филмот “Макраме“.
Плакетата на Општина Битола му е доделена на Франц Моге од Словенија за филмот “Клукајдрвци“.
Специјални плакети добија Ноела Нечковска – Македонија за “Реална наука – синдром на скршено срце“, Љупчо Ристевски – Македонија за “Иле го истражува стариот апарат Киев“.
Плакета за репортажа доби Љупчо Паунковски – Македонија за “Охридските пливачки легенди – Атина Бојаџи“.
И по некоа свадба да се сними, комита со пушка в рака,
султан в кочија и народ како темане прави,
да се снимат конзули на бал и старица што со вретено преди…
Историјата има магија на молченье, скриена легенда на битолска гордост,
масторот, Манаки вика: Екселенцио, момент!
ќе напише Панде Манолов за Милтон Манаки.
Со отворањето на Интернационалниот фестивал на аматерски документарен филм „Камера 300“, вечерва започнуваат настаните поврзани со одбележувањето на 4 Ноември, денот на ослободувањето на Битола.
Текст и фото: Сашо Ристевски










