-Локалниот совет за волонтерство на општина Битола (ЛСВ), ја додели наградата за волонтерски ангажман во локалната заедница за 2025 година на Доброволно противпожарно друштво „Архангел“ – Битола, иницијативата „ЕкоРозе“, иницијатива „Волонтерско цртање во Зоолошка градина“, Јулијана Делев и Лина Чашитовска.
5-ти декември е Меѓународниот ден на волонтерите и на овој ден секоја година се доделуваат наградите за најдобри волонтери кои со своите активности и ангажмани го поттикнуваат и промовираат волонтерството во Битола.
Целта е да се зголеми видливоста на волонтерите и позитивните волонтерски практики и да инспирира понатамошно унапредување и развој на волонтерството на локално ниво. Наградата е од големо значење за признавање на граѓанскиот ангажман во подобрување на животот во локалната заедница.
Наградите ги додели градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој им честиташе за нивниот волонтерски ангажман и посветеност кон заедницата во која што живеат, за изразената солидарност и активен придонесе кон решавање на проблемите во локалната средина.
А наградени се за:
-Доброволно противпожарно друштво „Архангел“ – Битола се наградува за својот волонтерски ангажман со редовно учествување во акции за помош на населението при поплави, временски непогоди и ризични ситуации, поддршка на заедницата преку јавни кампањи за безбедност, превенција од пожари на отворен простор. А, со тоа нивната волонтерска активност директно се одразува врз безбедноста и подготвеноста на Општина Битола.
-Од иницијативата „ЕкоРозе“ се наградува тимот ученици Изабела Шишковска, Бојан Нацов и Андреа Трајковска под менторство на проф. Соња Карапашовска за својот волонтерски труд за иницијативатата „ЕкоРозе“ за воспоставување систем за селекција и рециклирање на текстилниот отпад.
– Иницијативата „Волонтерско цртање во Зоолошка градина“ за волонтерска активност реализирана од ученици од ООУ „Елпида Караманди“ и нивната наставничка Славица Маркоска за време на летниот распуст, во периодот од јуни до септември со цел да се поттикне креативноста, љубовта кон животните и еколошката свест кај младите. Учениците волонтерски учествуваа во сликање на мурал во зоолошката градина.
-Јулијана Делев се наградува за волонтерската организација на настанот „Хуманитарна вечер со македонски автори“ кој се реализираше по трет пат во 2025 година. Целта на настанот беше забава и дружење и запознавање на гостите со македонски автори чии книги можеа да ги купат на самиот настан, како и други книги кои беа обезбедени од страна на организаторот. Собраните средства беа искористени за купување на школски прибор како и други потребни работи за почетокот на учебната година за дечиња со посебни потреби.
-Лина Чашитовска се наградува за нејзиниот двегодишен ангажман како Лидер на Клубот на млади, кој беше организатор на најголем дел од настаните за волонтирање на младите на ОО Црвен крст – Битола.
На јавниот повик кој беше објавен право да номинираат кандидати имаа организации, институции, неформални групи и други организатори на волонтерска работа.






