Press "Enter" to skip to content

“Муза 2“ свечено промовирана во Офицерскиот дом во Битола (фотогалерија)

Женскиот алманах „Муза“ го претстави своето второ издание во свечениот амбиент на Офицерскиот дом во Битола каде културната меморија се преплетува со современиот израз, тука се одржа промоцијата на вториот број на женскиот алманах за култура и урбано живеење „Муза“.Настанот беше посветен на претставување на „Муза 2“ — издание кое сè појасно го обликува својот глас како значаен простор за женска мисла, креативност и општествен ангажман. Промоцијата не беше само формален чин, туку средба на инспиративни, успешни жени од различни сфери на општествено – културното живеење. И љубители на културата, обединети околу идејата дека женскиот глас е суштински дел од современиот културен дијалог.Настанот беше отворен со инспиративно обраќање на главниот уредник, Илија Талев, кој пред присутните ја сподели визијата и идејната основа врз која се гради „Муза“.-Срдечно Ве поздравувам и Ви благодарам што сте тука, на промоцијата на вториот број на женскиот алманах за култура и урбано живеење „МУЗА“. Многу сум среќен што ве гледам во толкав број, бидејќи тоа што го гледам, ми дава потврда дека сме на вистинскиот пат. Вашето присуство тука е доказ за тоа дека нашата заедничка работа, страст и посветеност се препознаени и ценети. Ви благодарам од срце!, реле Талев и додаде:

-Денес, со големо задоволство и возбуда, го одбележуваме вториот број на „МУЗА“. Овој проект започна со едноставна желба: да се создаде нешто што ќе ги вдоми сите наши идеи и креативност на едно место. Понекогаш се чувствувам како мојот омилен лик од романот на Мигуел Сервантес, Дон Кихот, кој во име кон својата љубов и муза освојуваше празни ветерници. Во мојот случај е кон мојата љубов кон културата и уметноста. Исто како и него, никогаш не сум се откажувал од некоја моја идеа и визија. Но, не секогаш одредени мои желби се остваруваат на начин на кој посакувам. За некои од нив сум чекал и до 30 години за да ми се исполнат. Пред да почнам со реализација на овој проект, „МУЗА“ ми изгледаше како една од тие ветерници.-На мое големо задоволство, мојата визија за „МУЗА“ беше препознаена од Вас и полека но сигурно почнува да се реализира онака како што посакував. Затоа, ова не е само успешен проект, туку и лична победа на секој од нас. Гледајќи ја оваа публика, гледам толку многу инспиративни, талентирани жени, креативни и силни личности кои го прават светот подобро место за живеење. И во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на секоја една од Вас, на секоја една која се вклучила во создавањето на овој број, на сите оние кои веруваа во нас и на сите оние кои со својот ангажман придонеле овој број да изгледа онака како што изгледа. Сите Вие заедно сте заслужни за овој успех.-Вториот број е тука, а Вашето присуство потврдува дека не само што сме успеале, туку и дека создаваме нешто што Ви е вистински потребно во овој момент. Мојата визија за „МУЗА“ не завршува овде. Овој алманах е само почеток. Се надевам дека ќе продолжиме да растеме заедно, да ја негуваме уметноста, културата и женската креативност и преку сите наши идеи да поттикнеме и други да го направат истото. На тој начин, не само што ќе пишуваме историја, туку ќе влијаеме и на нашата заедничка иднина. Затоа, нека биде ова само почеток на една долгогодишна и успешна приказна за „МУЗА“. Ви благодарам што сте дел од неа.Потоа продолжи за вториот број на „Муза“ опишувајќи ја неговата содржина кој алманах содржи богат избор на интервјуа со истакнати жени од различни професионални и креативни области. Меѓу нив Каролина – естраден уметник со долгогодишно влијание врз македонската музичка сцена, Кети Талевска Бакревска – фотограф со препознатлив визуелен израз, Симона Мирчевска – ликовен уметник, Марина Сазданова – архитект, Ивана Хаџиевска – историчар, Оливера Вељковиќ – посветена на јога и холистички пристап кон животот, како и Сандра Грибовска Илиевска – актер со значајно театарско и филмско
присуство. Посебно место зазема и разговорот со Силвана Филевска – Де Ниро, кој отвора теми поврзани со женското лидерство и предизвиците во бизнис-секторот.Исто така истакна дека Алманахот е збогатен и со колумни од Жанета Ристевска – лиценциран психолог и Јована Матевска Атанасова – писател, кои нудат продлабочени лични и општествени размислувања. Воедно, читателите ќе најдат и истражувачки и документарни текстови посветени на „Македонка – орган на АФЖ“, првото женско списание во Македонија, на 70-годишнината од постоењето на Битолскиот архив (текст на Марија Дурлова), како и прилог за „Џејн Колектив“ и современите форми на женски активизам.Со оваа промоција, „Муза“ уште еднаш ја потврдува својата мисија – да биде простор на видливост, охрабрување и поддршка, мотивирајќи ги жените да ги следат своите страсти, да го развиваат својот потенцијал и активно да учествуваат во културниот и општествениот живот. Вториот број на алманахот претставува силна покана за дијалог, инспирација и заедничко создавање на похрабра и поинклузивна културна сцена. Во алманахот„Муза“ зборовите се тивки, но сигурни – зборови што создаваат, прашања што отвораат и визии што повикуваат на ангажман.

Жанета Ристевска

Фото: Дамијана Ристевска