Во просториите на “КС Групација“ во Битола се одржа свечен настан по повод доделување на стипендии на двајца студенти, како дел од континуираната општествено одговорна мисија на компанијата за поддршка на образованието и младите кадри во Република Македонија.
На свечениот настан свое обраќање имаше заменик генералниот директор на “КС Групацијата“, Божидар Анастасов, кој ја истакна важноста од вложувањето во младите како највредна и најодржлива инвестиција за иднината на компаниите и општеството во целина.
“КС Групација“ им додели стипендии на:
-Анѓела Апостоловска, студент на Економскиот факултет – Прилеп и
-Александар Тошески, студент на Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ) – Битола.
Со ова, “КС Групацијата“ трета година по ред ја продолжува својата програма за стипендирање на редовни студенти од прв циклус на студии, а со доделувањето на овие две стипендии, вкупниот број на стипендисти изнесува седум. Програмата има за цел да поттикне квалитетно образование, професионален развој и долгорочна вклученост на младите во реалниот сектор.
Програмата за стипендирање од самиот почеток ја водат и реализираат секторот за маркетинг и секторот за човечки ресурси на “КС Групацијата“. Свое обраќање на настанот имаа маркетинг директорката Елена Трајчевска и Марија Бошевска од човечки ресурси.
Свое присуство на настанот имаа и проректорите на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, а со обраќање се обрати и проф. д-р Јасмина Буневска-Талевска, која ја нагласи важноста од соработката помеѓу академската заедница и бизнис секторот во креирањето на успешни и применливи образовни приказни.
“КС Групација“, со седиште во Битола и деловни активности во повеќе градови низ државата, обединува седум компании кои дејствуваат во различни економски сектори и вработуваат над 1.000 лица. Преку поддршка на образованието, спортот, културата и ранливите категории, Групацијата континуирано работи на подобрување на условите во заедницата и создавање одржлива иднина.
Со вакви иницијативи, “КС Групацијата“ уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон младите и кон создавање средина во која знаењето, трудот и амбицијата се препознаваат и наградуваат.
-“Заедно правиме разлика, заедно креираме иднина“, порачаа од “КС Групацијата“.
Фото: Дамијана Ристевска






