Press "Enter" to skip to content

Студенти ќе им помагаат на младите во учењето, подобар јавен превоз и повеќе спорт – Пелагонија едногласно усвои нови мерки за младите (фотогалерија)

Подобар јавен превоз, реално вклучени младински совети, повеќе спортски содржини, како и нови програми за поддршка на младите во образованието и социјалната заштита – ова се дел од мерките што едногласно беа усвоени на 4-тата средба во Битола на Регионалната платформа за млади во Пелагонискиот регион организирана од Про Локал од Битола.Усвоените мерки се резултат на анализи и директни предлози од младите и претставуваат чекор напред кон пофер и подостапни локални политики за сите млади, без разлика каде живеат. Што значат новите мерки за младите?Подобар јавен превоз – ќе се работи на попристапен и пофункционален јавен превоз за младите, особено за оние од помалите и руралните општини, со линии и термини усогласени со потребите за училиште, факултет, работа и воннаставни активности.Младински совети што имаат глас – младинските совети ќе се јакнат и вклучуваат во носењето и следењето на одлуките, за тие да не бидат само формалност, туку реален простор каде младите предлагаат и следат што се случува со нивните идеи. Повеќе спорт и безбедни простори за младите – се предвидува подобро користење на постојната спортска инфраструктура, поддршка на младински спортски активности и создавање достапни и безбедни простори каде младите можат активно да го поминуваат слободното време.Поддршка за учење: врсничко менторство и туторство со пензионери – посебен акцент е ставен на нови програми за врсничко менторство и туторство, во кои ќе бидат вклучени и пензионери – поранешни наставници, професори и стручни лица. Преку овие програми, младите ќе добијат бесплатна помош за учење и туторство и поддршка за надминување на образовни и социјални потешкотии.Истовремено, се зајакнува меѓугенерациската солидарност, а знаењето и искуството на пензионерите се користи како вреден ресурс на заедницата – особено важно за помалите и руралните средини.На настанот се обрати и амбасадорот на Швајцарија, Н.Е Кристоф Зомер кој порача дека исклучувањето на младите носи стагнација: „Кога младите се исклучени од носењето одлуки, општествата се соочуваат со стагнација. Вклучувањето на младите е предуслов за развој и одржлива иднина.“Мерките мора да се почувствуваат на терен – Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, истакна дека усвоените мерки треба да донесат реална промена: „Овие мерки треба да се преточат во конкретни локални политики и буџети, за младите навистина да ја почувствуваат разликата во своите општини.“Младите се дел од решението – Претседателката на Про Локал и Секретаријат на Регионалната платформа за млади, Емилиа Ѓероска, нагласи дека мерките се креирани од самите млади. „Ова не се мерки напишани зад затворени врати. Тие се резултат на процес во кој младите ги посочија проблемите, учествуваа во анализите и заедно со институциите креираа решенија. Младите тука не се публика – тие се дел од решението.“Регионалната платформа за млади е воспоставена во март 2024 година и претставува заеднички механизам на деветте општини и граѓанските организации во Пелагонискиот регион. Досега се реализирани 16 младински иницијативи, а во тек се уште 9 нови, со директна вклученост на над 250 млади. Во рамки на настанот се одржа и јавен Тематски форум, посветен на прашањето дали младите во различни општини имаат еднакви можности и што значи тоа во пракса.

Клучната порака од Форумот беше јасна – нема иднина за младите ако Законот за младинско учество и младински политики остане само формална обврска.Презентираните првични наоди од националната проценка на Про Локал покажаа дека, иако Законот постои и е препознаен, неговата примена е многу различна – особено меѓу руралните и урбаните општини. Во многу помали средини недостигаат функционални младински совети, младински центри, службеници за млади и стабилна финансиска поддршка, што директно влијае врз можностите на младите.

Посебен акцент беше ставен на улогата на граѓанските организации како партнер на општините, особено во руралните средини, каде тие често се клучниот мост меѓу младите и институциите. Истовремено, беше потенцирано дека вклучувањето на младите во носењето одлуки не е трошок, туку инвестиција – предуслов за развој, доверба и задржување на младите во своите заедници.Форумот заврши со заеднички став дека само преку реална примена на Законот, прилагодена на капацитетите на општините и поддржана со меѓуопштинска и регионална соработка, може да се обезбедат фер и одржливи можности за младите, без разлика каде живеат.

Активностите се реализираат во рамки на проектот „Младински политики по мерка на младите“, со поддршка од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.

Фото: Сашо Ристевски

More from ВестиMore posts in Вести »