Јане Петровски од Битооа уште од најмала возраст ја засака музиката. Иако е дете, тој веќе знае што значи труд, вежбање и љубов кон пијаното. Како ученик на Државното музичко училиште во Битола во класата на проф. д-р Јана Четелева – Белевска, тој ја понесе престижната титула „Млад пијанист на годината“. На Меѓународниот натпревар “PIANO KEY – International piano competition“.
Со свечен концерт во Македонската филхармонија беше затворено второто издание на натпреварот, настан кој остави силен впечаток врз публиката и стручната јавност. Престижната награда му беше врачена од светски реномираниот пијанист маестро Симон Трпчевски кој беше член на стручната комисија, тоа беше момент кој претставува особена чест и силна мотивација за младиот уметник.
Јане со својата посветеност кон музиката инспирира многу деца да сонуваат и да веруваат во себе. Голема улога во музичкиот развој на Јане имаат неговите ментори, професорките Јана Четелева Белевска и Марија Шамоска Буџаковска. Благодарение на нивната мотивација и поддршка, пијаното за Јане стана пријател и секојдневна инспирација. Тие не само што го научиле да свири пијано, туку му ја пренеле и вистинската љубов кон музиката. Иако е уште дете, Јане со голема радост зборува за музиката, вежбањето и луѓето кои го поддржуваат низ неговиот музички пат.
Низ разговорот тој ни раскажува како започнала неговата приказна со пијаното, чувствата по добиеното признание, неговите соништа и идните планови.
Кога се јави твојата љубов кон пијаното и кога започна да свириш?
-Мојата љубов кон пијаното започна кога бев многу мал. Кога првпат го слушнав неговиот убав звук, многу ми се допадна. Сакав и јас да свирам, затоа што преку пијаното можам да ги покажам моите чувства.
Кој прв го забележа твојот талент за музика?
-Први го забележаа моите родители. Тие секогаш ме поддржуваат. Потоа и наставниците по музика ми рекоа дека сум талентиран и ме охрабрија да продолжам да вежбам.
Дали се сеќаваш на твојот прв час по пијано?
-Да, многу добро се сеќавам. Бев многу возбуден и малку се плашев, но бев и многу среќен што почнувам да учам нешто ново и интересно.
Кој беше твојот прв наставник што те мотивираше?
-Мојата прва наставничка беше Марија Шамоска Бучаковска. Таа ме научи да ја сакам музиката и ми покажа дека со трпение и редовно вежбање може многу да се напредува.
Дали ти беше тешко на почетокот?
-На почетокот беше малку тешко, но со секој ден ми стануваше полесно. Кога почнав да свирам подобро, вежбањето ми стана вистинско задоволство.
Кои композитори ти се омилени?
-Многу ми се допаѓа музиката на Шопен и Моцарт.
Како изгледа твојот ден за вежбање?
-Секој ден прво се загревам на пијаното. Потоа вежбам нови композиции и го повторувам она што веќе сум го научил.
Колку е важна дисциплината во музиката?
-Дисциплината и напорното, секојдневно вежбање се најважни за успехот.
Како се чувствуваше кога ја доби наградата „Пијанист на годината“?
-Кога ја добив наградата се почувствував многу среќен. Во тој момент сфатив дека мојот труд е забележан и вреднуван, што ми значи многу.
Какво беше чувството наградата да ти ја врачи еден од најголемите пијанисти кај нас – маестро Симон Трпчевски?
-Тоа чувство тешко може да се опише. Да ја добиеш оваа награда од светски познат пијанист како Симон Трпчевски е исполнување на еден голем сон.
Што значи ова признание за тебе?
-Ова признание многу ми значи и ми дава уште поголема мотивација да продолжам да работам и да се усовршувам.
Кои се твоите планови за иднина?
-Моите следни цели се да учам уште потешки и посложени дела, како и да настапувам на поголем број концерти и натпревари.
Дали се гледаш како професор по музика еден ден?
-Да, би сакал еден ден да бидам професор по музика и да го пренесувам знаењето на помладите.
На кои сцени би сакал да свириш?
-Би сакал да настапувам на големи и познати сцени, а еден од моите најголеми соништа е да настапам на Новогодишниот концерт на Виенската филхармонија.
Каква улога има твојот ментор во твојот музички развој?
-Мојот ментор професорката Јана Четелева Белевска ме насочува, ме мотивира и ми помага постојано да напредувам, како технички, така и музички.
Јане Петровски инспирира многу деца да сонуваат и да веруваат во себе. Музиката за Јане не е само учење, туку радост и начин да ги изрази своите чувства. Со насмевка и љубов кон пијаното, тој го гради својот музички пат и сонува за уште многу концерти и успеси во иднина. „Ако сакате нешто многу, вежбајте и не се откажувајте – со труд, соништата се остваруваат“.
Дамијана Ристевска
















