Press "Enter" to skip to content

Во Македонскиот КИЦ во Софија вечер посветена на Браќата Манаки – визуелно наследство како мост меѓу културите

Настанот е реализиран во соработка со Националната установа Центар за култура – Битола и Културно-информативниот центар – Битола.

Македонскиот културно-информативен центар во Софија беше домаќин на значајна културна вечер посветена на творештвото на браќата Манаки од Битола – пионерите на балканската фотографија и кинематографија, чие дело претставува едно од највредните сведоштва за културниот, општествениот и историскиот живот на почетокот на XX век.Настанот, реализиран во соработка со Националната установа Центар за култура – Битола и  Културно-информативниот центар – Битола, ги обедини љубителите на уметноста, културата и историјата околу едно исклучително наследство кое и денес има силна документарна, уметничка и цивилизациска вредност, а го отвори проф. д-р Зоран Пејковски, директор на Македонскиот културно-информативен центар во Софија и дипломатски советник.

Во рамките на програмата свечено беше отворена изложбата „La Belle Epoque – Истокот и Западот, битолската мода низ објективот на Манаки“, која преку внимателно одбрани фотографии ја прикажува Битола од времето на европската модерна – град во кој се преплетувале различни култури, традиции и влијанија, создавајќи единствен урбан и културен амбиент. Изложбата ги водеше посетителите низ еден период во кој модата, архитектурата, секојдневниот живот и јавниот простор биле одраз на динамичните промени што се случувале на Балканот, а објективот на браќата Манаки успеал да ги зачува тие мигови како трајна визуелна меморија.Посебен дел од вечерта беше посветен на проекцијата на автентични филмски записи од браќата Манаки – првите сниматели на Балканот, чии филмови денес претставуваат непроценливо културно и историско наследство. Преку нивната камера, посетителите имаа можност да го почувствуваат духот на едно време, да ги видат луѓето, обичаите, јавните настани и секојдневниот живот зачувани во првите подвижни слики создадени на овие простори. Токму затоа нивното творештво одамна ги надминало границите на фотографијата и филмот, прераснувајќи во универзално сведоштво за една епоха.

Во своето поздравно обраќање, директорот на Македонскиот културно- информативен центар во Софија, проф. д-р Зоран Пејковски, беше нагласено дека оваа културна вечер не претставува само изложба и филмска проекција, туку и можност за ново читање на македонското културно наследство во европски контекст. Делото на браќата Манаки беше претставено како трајна вредност што ја поврзува историјата со современоста и претставува значаен дел од заедничката европска културна меморија.Истовремено, беше истакната и значајната улога на Македонскиот културно- информативен центар во Софија како институција која континуирано работи на афирмација на македонската култура надвор од границите на државата. Преку организирањето изложби, концерти, книжевни промоции, филмски проекции и други културни настани, Македонскиот КИЦ во Софија создава простор за презентација на македонските културни вредности пред бугарската и меѓународната јавност, придонесувајќи за развојот на културниот дијалог, меѓусебното разбирање и взаемната почит.

Во рамките на програмата пред присутните се обрати директорот на Националната установа Центар за култура – Битола, Сашо Илковски, кој зборуваше за значењето на проектот и за улогата на институциите во зачувувањето и промоцијата на културното наследство. Кураторот на изложбата Валентин Соклевски го претстави концептот на изложбата „La Belle Epoque“, осврнувајќи се на историскиот контекст и богатството на фотографското наследство на браќата Манаки. За филмското творештво и неговата документарна и историска вредност говореше режисерот Благојче Божиновски од Културно-информативниот центар – Битола, кој ја истакна важноста на зачувувањето и современото претставување на првите филмски записи создадени на овие простори.Настанот уште еднаш ја потврди важноста на институционалната соработка во промоцијата на македонското културно наследство и покажа дека делото на браќата Манаки продолжува да инспирира и да отвора нови перспективи за разбирање на историјата, уметноста и културниот идентитет.

More from КултураMore posts in Култура »