-Во клиничка болница Битола во новоодишната ноќ имаше две раѓања, на свет дојдоа Бистра и Петар, двете родени со “царски рез“.
Градоначалникот на Битола Тони Коњановски претпладнево беше посета на Клиничката болница Битола каде рече дека убав е поводот како и секоја година, првиот ден од годината да ја дочекаме заедно и да ја прославиме со оние кои не израдуваа.
–Општина Битола ја негува традицијата и на првиот ден од новата година славиме за прекрасен повод, за првите нови жители на нашиот град, рече Коњановски и додаде:
-Битола доби два нови жители, две малечки души, две бебиња. Првото е женско Бистра, се надевам дека ќе ни ја избистри годината, ќе ни донесе радост и среќа на сите нас и второто е Петар. Двете мајки се битолчанки, ова им се први бебиња. Им посакавме среќа, убавини во животот и уште многу дечиња. За новороденчињата обезбдивме пригодни подароци, се радуваме и сакаме младите да стапуваат во брак, да има многу деца и младите да остануваат во Битола, рече градоначалникот Коњановски, кој на бебињата и мајките им подари пригодни подароци, финансиска помош и од општината и од приватни фирми.
Првото бебе со родилна телесна маса 3.300 грама, а второто бебе со родилна телесна маса 3.460 грама.
-Јас сум Елена Бојковска, прворотка, имам 30 години, а бебето ќе се вика Бистра. Одлично се чувствувам и радосна сум. Пороѓајот мина очекувано и без проблеми, супер беше, изјави кратко Елена, мајката на Бистра.
Во првиот ден од новата година во ЈЗУ Клиничка болница-Битола се роди и Петар, новороденче на мајката Јована Стојчевска. Гинекологот Тихомир Велевски кој ги породи две родилки за тоа како поминал пороѓајот рече:
-Мајката Елена се породи со царски рез во 02:50 часот, и роди здраво женско бебе. Породувањето беше во најдобар ред, операцијата беше одлична, мајката и новороденчето по оперативниот период се во добра општа состојба. Второто бебе е машко, Петар, а мајката Јована Стојчевска на свет го донесе во 04:20 часот, исто така со операција царски рез.
Директорката на Клиничката болница Ненси Лозанче рече дека двете мајки се прворотки и дека она што важи дека прво женско дете родено е бериќет, таква ќе биде бериќетна и успешна годината. Таа им се заблагодари на целиот персонал кој ноќта ја помина работно.
Коњановски беше и во посета на детското одделение каде на хоспитализираните деца и им посака среќна Нова година и им подари новогодишни пакетчиња.
Градоначалникот Коњановски кажа дека ја посетил и Итната медицинска служба каде го информираа дека ситуацијата во Битола била мирна, во смисла на интервенции.
Сашо Ристевски






