Почетокот на третата година од учеството на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола во Европската универзитетска алијанса КОЛОРС започнува со Отворен повик за учество на летна школа во Шведска. Најновиот повик за учество на летна школа што ја организира еден од партнерите, Универзитетот Кристианштад од Шведска ќе се одржи од 11 до 15 мај 2026 година, под наслов: „Регулативите на трудовото право и индустриските односи на ниво на компанија, за развој на зелената и дигитална транзиција“
Оваа летна школа е поврзана со школа што ќе ја организира УКЛО КОЛОРС во Македонија, во текот на 2026-та година, во координација на проф. д-р Елена Тиловска-Кечеџи и Правниот факултет на УКЛО, во рамки на работниот пакет 10 на Алијансата. На тој начин, се овозможува заедничко организирање и реализација на соработките во рамките на партнерството на КОЛОРС, како помеѓу студентите, така и помеѓу кадрите и соработниците од Македонија и ЕУ.
Инаку, програмата е наменета за студенти од прв циклус на општествени науки, кои сакаат да продлабочат знаења за тоа како зелената и дигиталната транзиција влијаат врз светот на трудот, компаниите, синдикатите и вработените. Посебен акцент се става на улогата на трудовото право и индустриските односи во управувањето со овие промени на ниво на компанија и организација. Преку интерактивен и меѓународен пристап, учесниците ќе стекнат: подобро разбирање за предизвиците што ги носат зелената и дигиталната транзиција, знаења за правната рамка на трудовите односи, искуство од европска академска средина и работа во мултикултурна група.
Инаку, зелената и дигиталната транзиција претставуваат клучни процеси што суштински го менуваат начинот на работа, организацијата на трудот и односите меѓу работодавачите и вработените. Во тој контекст, регулативите на трудовото право и индустриските односи на ниво на компанија имаат важна улога во обезбедување правична, одржлива и инклузивна трансформација на работната средина.
Со повикот се потврдува дека Школата е уште еден пример како преку Алијансата КОЛОРС, УКЛО на студентите им овозможува пристап до квалитетно европско образование, мобилност и активно вклучување во современите општествени и економски процеси.






