-Градот на црквите со вековна традиција на осветување на водите и езерото, денес зрачеа со посебен сјај. Светиот крст во водите на Охридското Езеро е празник на верата и надежта. Охрид на Водици – верата посилна од студот, температурата на водата беше 8 степени, а на воздухот 4.
-Годинава светиот крст за првпат во водите на Охридското Езеро го положи Митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, господин Георгиј,
-Мартин Гоџо од Варош го фати светиот крст, тој беше најсреќен помеѓу неколкуте стотини капачи. Мартин светиот крст го фати и минатата 2025 година и во 2022 година.
Охрид денес осамна сончев, под чисто сино небо, но со студен јануарски ветер кој потсетува на зимската строгост. И покрај студот, водите на Охридското Езеро добија посебна духовна топлина и светлина, зашто православните верници го одбележаа големиот христијански празник Богојавление – Водици, денот кога се осветуваат сите води во спомен на крштевањето на Исус Христос во реката Јордан.
На светиот чин присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за транспорт и врски Александар Николоски, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков како и претставници од дипломатскиот кор и останати претставници од политичкиот и јавниот живот во државава.
Со молитви, црковни песнопенија и свечени литији, празникот беше одбележан и оваа година со големо достоинство и силен духовен набој. Свештенството на Македонската православна црква – Охридска архиепископија го изврши чинот на големиот водосвет, по што светиот крст, како симбол на Христовото крштевање и победата на животот над смртта, беше фрлен во осветените води на Охридското Езеро.
Во подготовките учествуваат не само црковните власти, туку и Општина Охрид, нуркачки клубови (што го чистат езерското дно пред ритуалот), Претставници на Црвениот Крст и други организиции за безбедност и поддршка на оние кои ќе учествуваат.
Мартин Гоџо од Варош е среќниот фаќач на крст во Охридското Езеро. Тој по трет пат беше најбрз од стотината верници кои и ова утро запливаа во студените води на езерото по светиот крст. Традиционално Гоџо заедно со неговата тајфа денеска ќе ги посетат домовите на охриѓани честитајќи им го големиот празник Богојавление – Водици.
-Наша работа како локална самоуправа и организатори на овој настан, заедно со Дебарско-кичевската епархија да расте од година во година и да биде покрај најголем верски празник да биде и еден вид на туристичка атракција каде многу странски туристи ќе можат да видат што е тоа традиција, христијанство и што значи тоа за нас. На фаќачот на чесниот крст по трет пат Мартин Гоџо му посакувам се најдобро, многу среќа, здравје, љубов и оваа година нека биде негова, ама и на охриѓани. Од Општина Охрид за фаќачот на крстот доби икона и рачно изработен филигран, рече Пецаков.
Главниот настан во Охрид се одржа на пристанишето на Охридското езеро. Утрински литургии се служат во парохиските цркви низ градот. Потоа литиите од неколку цркви тргнуваат кон езерото. Според старите охридски обичаи, фрлањето на крстот се одржува на три локации: на градското пристаниште, на кејот и кај Сараиште..
Голем број верници, исполнети со вера и надеж, скокнаа по светиот крст, меѓу кои и бројни учесници од Битола и од други градови во земјава. Овој чин, длабоко вкоренет во народната традиција, претставува сведоштво за живата вера и духовната сила што со векови се пренесува од поколение на поколение. Се смета дека оној што ќе го најде крстот ќе има благослов и среќа во текот на целата година.
Со Водици, Охрид уште еднаш го потврди својот духовен идентитет и улогата на чувар на православната традиција.
Чествувањата на празникот продолжуваат утре со традиционалниот “Ден на Рибарите“ кога ќе се одржи традицоналното масовно капење кај Сараиште а ќе се служи и рибна чорба и плашици зачинети со староградска охридска музика.
Текст: Жанета Ристевска






