Press "Enter" to skip to content

Пелистер перфектен во 2026 – супериорна победа и во Маџари

Маџари – Пелистер 83:99

Кошаркарите на Пелистер од Битола продолжија со одличните изданија од стартот на оваа календарска година откако ја забележаа третата победа во низа, втора на гостински терен. „Зелено-белите“ вечерва му гостуваа на тимот на Маџари кој се наоѓаше во добра форма во пресрет на дуелот, но „пелистерци“ одиграа квалитетно, беа поумешни во моментите кога се решаваше победникот и заслужено стигнаа до победата изразена со конечни 83-99.

Пелистер успеа во намерата да го наметне сопственото темпо од самиот почеток, со што битолчани го контролираа резултатот во првата четвртина. Во нападот поголема одговорност презеде Џенкинс со неколку погодени шутеви, во  одбраната добро беше затворен рекетот, а домаќините ги промашија своите обиди од далечина, па Пелистер во еден момент имаше и девет поени предност (13-22). Маџари се врати и намали на 19-22, Даскаловски побара тајмаут, по што Стајиќ умешно реализираше и првите десет минути завршија со заслужено водство на Пелистер од 19-24.

Маџари на самиот почеток од втората четвртина намали на 24-26, но потоа следеше фуриозна серија на Пелистер, тројки на Вилсон и Стајиќ, па реализација под прекршок на Малешевиќ, и позитивата на битолскиот клуб стана двоцифрена (24-35). Маџари се обидуваше да се врати, ја намали негативата, но „зелено-белите“ не дозволија целосен камбек на мотивираните домашни кошаркари. Џенкинс со својата втора тројка зголеми на 39-46, но Маџари со серија слободни фрлања намали на 47-48, потоа домаќинот го искористи падот на концентрација во зелено-белиот табор и го заврши полувремето со водство од 54-50.

Маџари имаше и 56-50 на самиот старт од третата четвртина, но Малешевиќ со пет поени во низа експресно го врати Пелистер во игра. „Зелено-белите“ добија на сигурност, па преку Вилсон од линијата за слободни флања поведоа со 61-62. До крајот на четвртината се играше егал кошарка, а во последните 10 минути се влезе со израмнети 70-70 по положувањето на Стајиќ пред звукот на сирената.

„Пелистерци“ одлично отворија и експресно поведоа со 70-73, а со тројката на Митревски за 74-80 го принудивме домашниот тренер да побара тајмаут. Пелистер ја задржа контролата и со поените од слободни фрлања на Малешевиќ водството стана двоцифрено (75-85). Маџари се обиде да се врати, но Пелистер покажа и квалитет и искуство, рутински го приведе мечот до крај, славејќи со конечни 83-99.

Стајиќ повторно беше клучна фигура со 26 поени и 8 асистенции, Малешевиќ го заврши натпреварот со 24 поени, а одличен беше и Џенкинс со 19 поени, 4 асистенции и пет украдени топки.