Press "Enter" to skip to content

Пелистер го победи Феникс за “4 од 4“ во пролетниот дел

Феникс – Пелистер 80:95

Серијата добри игри и резултати на Пелистер од Битола  во 2026 година продолжи и на денешното гостување во Скопје против Феникс, меч што „зелено-белите“ рутински го добија со убедливи 80-95. Избраниците на Даскаловски се мачеа само една четвртина, за потоа да преземат целосна контрола над играта и резултатот, да издоминираат на двете страни од теренот и да стигнат до заслужена победа, четврта во низа од стартот на оваа календарска година.

Малешевиќ ги постигна првите поени на мечот за 0-2, но „пелистерци“ се мачеа во нападот на почетокот, постигнувајќи скромни пет поени во првите пет минути од мечот (10-5). Феникс имаше најубедливи 14-8, но следеше експресен одговор преку Брејси Дејвис, кој постигна шест од осумте поени на Пелистер за нецели две минути и донесе водство од 16-17.

Првата четвртина заврши со израмнети 20-20, за потоа во вториот дел да почне шоуто на битолчани на теренот. „Зелено-белите“ одиграа импресивно во одбраната, повеќе од седум минути не дозволувајќи му на Феникс поени од поле. Вилсон беше импресивен во рекетот на спротивната страна, предводејќи го гостинскиот тим до водство од убедливи 24-42. Феникс само за момент се разбуди намалувајќи на 33-42, но по тајмаутот на Даскаловски следеше нова серија на Пелистер, кој заслужено на одмор замина со убедливи 33-49.

Доброто издание на „зелено-белите“ продолжи и во третиот период, во кој набрзина со тројката на Стајиќ се стигна и до „плус 21“ (35-56). Јасно беше дека квалитетот е на страната на битолскиот суперлигаш, кој одигра максимално фокусирано, одржувајќи ја убедливата предност до крајот на четвртината (56-76).
Преостанатите десет минути беа само рутина за битолчани, кои без проблеми го приведоа мечот до крај и конечните 80-95.

Ленгстон Вилсон ги предводеше стрелците со 22 поени, еден помалку постигна Брејси Дејвис кој имаше и 10 скокови, додека Бобан Стајиќ го заврши мечот со 14 поени, 4 скока, 6 асистенции и 3 украдени топки.