Press "Enter" to skip to content

Претставен Кариерен информатор и AI Chatbot – нов модел на образовно поврзување (фотогалерија)

Гимназијалци од „Јосип Броз Тито“ – Битола одржаa промоција на иновативната алатка „Кариерен информатор“ и AI Chatbot  во партнерство со КРЕДО Центарот на УКЛО. Преку ученичката компанија NEXBOT средношколците развија иновативни решенија наменети за кариерно насочување и информирање на идните студенти. Преку квиз за професионални интереси, алатката нуди препораки за избор на факултет, додека chatbot-от обезбедува брзи одговори на прашања поврзани со студиските програми на УКЛО.Проектот е реализиран од учениците: Јован Мацанковски, Ангела Талева, Димитриј Гагачев, Бојана Ѓорѓевска и Андреј Апостолоски, од трета година и Ива Треневска од втора година.Станува збор за општествено одговорна иницијатива што ќе им помогне на младите при изборот на идната професија, овозможувајќи им насочување според нивните интереси, афинитети и способности. Професорките, Фаниja Наумовска, кариерен советник и ментор и заменик директорката Даниела Петровска Mатевска, со задоволство истакнуваат дека тимот на NEXBOT креираше модерна, лесно достапна и технолошки напредна алатка, благодарение на креативноста, иновативноста и високото ниво на дигитални компетенции на младите. Тие ја потенцираат важноста од рано кариерно насочување и градење партнерство меѓу средното и високото образование.   Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски поздравувајќи ја самоиницијативноста на гимназијалците, се осврна кон целта – да се допре до средношколците и да се поттикнат што поголем број млади да го продолжат своето образование дома, избирајќи го УКЛО како своја академска иднина, рамноправен член на европската универзитетска Алијанса КОЛОРС.-Нудејќи европски можности и притоа, останувајќи верен на своите корени, во духот на мотото на УКЛО – Корени и крилја, Неделковски истакна дека со поддршка на Универзитетот, преку кариерниот информатор младите луѓе добиват насоки и стручен совет за избор на факултет кој најсоодветно одговара на нивните интереси и кариерни цели.Како значаен сегмент од иницијативата Неделковски ја посочи имплементацијата на алатки базирани на вештачка интелигенција поставени на веб-страницата на УКЛО.Со примена на AI Chatbot секој потенцијален студент и граѓанин добива брз, точен и персонализиран одговор во секое време. Со овој спој на традицијата и современата технологија, се потврдува заложбата на УКЛО за иновативност, достапност и грижа за идните генерации.Настанот организиран од КРЕДО Центарот на УКЛО ќе обезбеди стручна поддршка при изработка на истражувачки трудови, проекти и модерни решенија, посочи проф. д-р Јасмина Буневска Талевска, директорка на Центарот, нагласувајќи дека со менторска програма ќе се овозможи поврзување на студентите и учениците со алумни, професори, експерти од праксата, како и со претставници од јавниот и приватниот сектор – за поддршка на личниот, академскиот и професионалниот развој на младите.Оценка е дека унапредувањето на соработката меѓу средното и високото образование претставува клучен чекор кон создавање динамична и поттикнувачка образовна средина, во која младите ќе имаат можност да ја развиваат својата креативност, иновативност и претприемачки дух, преку заеднички иницијативи, менторства и практична настава што ги поврзува знаењето и реалните предизвици.На настанот што се одржа во Ректоратот на УКЛО на 25 февруари 2026 г. искажана е посебна благодарност до Гимназијата „Јосип Броз Тито“ – Битола за значајниот придонес во реализацијата на оваа меѓуинституционална иницијатива.Доделени се благодарници за менторите и за гимназијалците, кои од денеска како млади креативци се вклучени во Клубот на амбасадори на УКЛО.

Фото: Дамијана Ристевска