Press "Enter" to skip to content

Совети од психолог: Живот во време на глобална неизвесност, психолошките последици од светските конфликти

Бомбардирани сме со вести што негативно влијаат врз психолошката состојба на луѓето.  До денес војната во Украина, заканите со нуклеарно оружје и постојаните вести за разурнувања, жртви и бегалци прават чувството на несигурност да биде реално и блиско.

И денес кризата на Блискиот Исток (нападите врз Иран од страна на Соединетите Американски Држави, напади на Иран врз Израел и Емиратите)  дополнително ја зголемија глобалната напнатост. Сè почесто се зборува за можност од проширување на конфликтите и за нова светска нестабилност.

Чувството на несигурност во современиот свет

Овие случувања оставаат психолошки последици. Се појавуваат зголемена загриженост, негативни мисли, намалена концентрација, проблеми со спиењето и постојано чувство на напнатост. Постојаното следење драматични вести може силно да влијае врз менталното здравје, особено кај децата и младите.

Освен стравот за сопствената безбедност и сигурноста на најблиските, секојдневниот прилив на сензационалистичките написи и стравичните слики од војните дополнително ги засилуваат чувствата на вознемиреност, лутина и беспомошност. Вознемирувачки информации кои лесно може да нè вовлече во песимистички размислувања и предвидувања за „црна“ иднина, економски колапс или глад. Токму таквите содржини најчесто доминираат во насловите, бидејќи предизвикуваат силни емоции и привлекуваат внимание.

Затоа е важно внимателно да ги избираме изворите на информации, да проверуваме факти и да правиме пауза од постојаното следење вести. Информираноста е значајна, но менталното здравје и емоционалната стабилност се подеднакво важни во време на глобална неизвесност.

Губење на рутина и како да ја вратиме контролата

Една од првите последици од продолжената изложеност на вознемирувачки вести е губењето на секојдневната рутина. Кога вниманието постојано ни е насочено кон закани и неизвесност, лесно се нарушуваат навиките што ни даваат чувство на стабилност. Токму тоа дополнително може да ја влоши психолошката состојба и да го засили чувството на беспомошност.

Затоа е важно да се насочиме кон работи што можеме да ги контролираме. Малите, но доследни чекори прават значајна разлика: квалитетна и редовна исхрана, доволно и редовно спиење, ограничување на времето поминато следејќи вести, повеќе време со семејството и пријателите, отворен разговор за чувствата на несигурност и страв.

Анксиозноста е нормална човечка реакција на страв и неизвесност. Таа сама по себе не е слабост, туку сигнал дека се соочуваме со ситуација што ја доживуваме како заканувачка. Но, кога станува интензивна и постојана, може да ги оневозможи нормалните и конструктивни реакции во кризни состојби.

Совети 

Стравот е сосема нормален, но не треба да го задржуваме во себе. Споделете ја својата загриженост, чувство на страв…. Споделете ги своие грижи со другите. Разговарајте за она што ве мачи. Разговарајте со пријатели или личности кои се смирени, сталожени, разумни и да водиме разговори кои ќе не опуштат. Да се избегнува она што негативно влијае на нашето емотивно и психичко здравје. Но исто така, НЕ би требало да се гледа реалноста црно бела.

Да одиме во крајност да гледаме се црно и лошо или да одиме во друга крајност и да „ставиме розеви наочари“ и да зборуваме дека не не засега и да ги потиснуваме непријатните чувства. Да не ја согледуваме реално ситуацијата. Додека светот се руши, ние танцуваме.

Ограничете го времето на конзумирање на вести и гледање  информативни програми. 

Ако стравувате за вашето ментално здравје, ако сметате дека ви е нарушен квалитетот на животот заради стравот кој ве преплавува – побарајте помош.

Ситуацијата на воена напнатост тешко ја поднесуваат личности кои и инаку се склони кон претерана загриженост, анксиозност и личности кои патат од посттрауматскo стресно пореметување.

Сепак најзначајно Прифатете ја несигурноста. Потполно е нормално да се чувствуваме несигурно.  Прифатете ги и вашите емоции и колку што може трудете се да управувате со нив. Грижете се за себе правете се она што ве прави среќни. Дружете се, со личности кои ве исполнуваат со позитивни мисли и емоции.

ЗА КРАЈ

Грижата за себе, одржувањето рутина и поддршката од блиските се клучни механизми што ни помагаат да ја зачуваме психолошката стабилност. Во време на глобални кризи, најважно е да останеме поврзани, информирани од проверени извори и свесни дека е во ред да побараме стручна помош доколку чувството на страв и анксиозност стане преоптоварувачко.

 

Bottom of Form

Bottom of Form