Репрезентативната пауза заврши, а Пелистер од Битола викендов се враќа на домашните обврски – доигрувањето на преостанатите шест рунди од Супер-лигата за што подобар пласман во пресрет на клучниот дел од сезоната. Веднаш по паузта „зелено-белите“ ги очекува најголемиот можен предизвик – гостување во Скопје на тимот на МЗТ (сабота 19 часот, СЦ „Јане Сандански“) против актуелниот шампион и екипа што минатиот месец убедливо стигна до куп-трофејот.
Аеродромци на хартија важат за фаворити, но Пелистер во минатото покажувал дека знае како се триумфира во „Јане Сандански“, нешто што „зелено-белите“ ќе се обидат да го сторат и на саботното дерби. Впрочем, причина за оптимизам дава и фактот дека Пелистер играше одлична кошарка од почетокот на оваа 2026 година, па се до репрезентативната пауза. Пет победи на пет натпревари во новата година, на последните четири со над 90 постигнати поени на секој меч, секако е предзнак дека битолскиот клуб во топ-форма ќе го дочека клучниот дел од сезоната.
Дуелот со повеќекратниот шампион е одлична можност за согледување на моментната форма и можностите на тимот, во пресрет на битките што ќе следат до крајот на сезоната во која Пелистер не отстапува од зацртаната цел – борба за највисок пласман и доколку е укаже можност – кревање на големиот трофеј.










