Press "Enter" to skip to content

„Пауза за НЕА“ – разговор за жената, невидливиот товар и културата на грижа за себе (фото)

Во пресрет на Меѓународниот ден на жената, Приватната установа за деца – детска градинка „Мали Чекори“ од Битола организираше панел дискусија со наслов „Пауза за НЕА“, настан посветен на современата позиција на жената и потребата од поголема свесност за менталното и физичкото здравје.Наместо традиционална прослава на 8 Март, организаторите се одлучија за поинаков пристап – простор за разговор, рефлексија и споделување искуства за улогите и очекувањата што општеството ги поставува пред жената.Настанот беше наменет за мајки и се одржа во атмосфера на отворен дијалог за теми кои често остануваат на маргините на јавниот дискурс: менталниот товар, балансот меѓу личниот и професионалниот живот, како и значењето на превенцијата и грижата за себе.Со панел дискусијата модерирана од проф. д-р Моника Марковска, своите перспективи ги споделија Маја Атанасовска – организатор на женската ноќна трка „Биди своја“, сертифициран фитнес инструктор и подофицер во Армијата на  Македонија, како и психолозите Рената Димановска и Викторија Тодоровска од Центарот за психолошко советување и психотерапија „Свесност – Битола“.Во разговорот се вклучи и Елена Јовановска Талевски од здружението „Невроразлични“, кое ги обединува децата и младите со посебни потреби и нивните родители.Панелот отвори прашања за т.н. „невидлив товар“ што жените го носат во секојдневието – емоционалната и организациската работа која ретко се именува, но суштински го обликува семејниот и општествениот живот. Присутните имаа можност да дискутираат и за важноста на поставувањето лични граници, поддршката во заедницата и развивањето култура во која паузата не се доживува како слабост, туку како чин на самосвесност и грижа.Со овој настан, „Мали Чекори“ испратија порака дека одбележувањето на 8 Март може да биде и простор за суштински разговори – за жената како личност, за нејзините потреби и за создавање заедница која ја препознава и поддржува грижата за себе како предуслов за здраво семејство и општество.

More from ВестиMore posts in Вести »