Press "Enter" to skip to content

Младински креативен конкурс за дизајн на маица дел од “Креативниот ден“

“Креативниот ден“, препознатливиот настан во Битола во организација на “Божиловиќ“ продукција во соработка со “ЕАМ“ текстилната компанија од Штип, го започна новиот младински креативен конкурс за дизајн на маица, наменет за средношколци кои сакаат преку визуелен израз и порака да го претстават својот став, идентитет и креативност.

Конкурсот им дава можност на учениците:

-да создадат авторски дизајн со сопствена порака

-да бидат јавно претставени

-да стекнат вредна референца за своето портфолио.

Право на учество имаат ученици од средни модно-текстилни училишта од целата држава.

Направи уникатен дизајн, кој ќе пренесе некоја порака или едноставно ќе биде естетски и визуелно специфичен и интересен. Финалниот дизајн (во било каков формат), со име и презиме на ученикот и училиштето од каде што доаѓа, се испраќаат на nikola@eam.com.mk 

Конкурсот трае од 1 март до 1 април 2026 година, а пристигнатите трудови ќе ги оценува стручно жири.

Победникот на конкурсот ќе добие: 30 маички со реализиран сопствен дизајн, признание, врачено за време на Креативен Ден 2026, едукативна посета на фабриката на ЕАМ, каде што ќе има можност да го следи целиот процес – од предиво до финален производ, на едно место.

-Ваквите иницијативи се вистинска можност младите креативци да го почувствуваат предизвикот на натпреварувањето, да излезат со свој став и да добијат чувство дека некој го вреднува нивниот труд и талент. Конкурсите не се само награди – тие се самодоверба, храброст и прв чекор кон професионално докажување. Ги охрабрувам сите средношколци да учествуваат. Вашата креативност заслужува сцена, истакна Весна Божиловиќ од Божиловиќ продукција, организаторот на Креативниот ден.

Креативниот Ден 2026 Битола, оваа година ќе се одржи на 28.04 а темата на која младите креативци ќе работат е „Филм“.

More from ВестиMore posts in Вести »