Кошаркарите на Пелистер од Битола не дозволуваат поразот од МЗТ Скопје да ја наруши победничката атмосфера во тимот што владееше по петте врзани триумфи од стартот на оваа календарска година во Супер-лигата. „Зелено-белите“ полни со самодоверба ќе влезат во вечерашниот натпревар против Куманово (19 часот, сала „Боро Чурлевски“), за експресно враќање на победнички патеки и уште поголема самодоверба во пресрет на клучниот дел од сезоната.
Кумановци во драматичен дуел благодарение на чудниот судиски критериум славеа на последната пресметка, во четвртфиналето од Купот на Македонија, но тоа ќе биде само мотив плус за „пелистерци“ да се реваншираат со полна мера и да се радуваат на победата.

-Играме со квалитетен тим, верувам дека многу важно ќе биде ние да бидеме тимот што ќе го наметне темпото и ќе го контролира ритамот на игра. Треба да играме со што поголем интензитет, како во нападот, така и во одбраната. Секако, многу важно за нас е да има што повеќе навивачи на трибините, публиката и домашниот терен се наш адут на овој дуел, верувам во добра игра и победа што заедно ќе ја прославиме на крајот, истакна Лука Стојановски, македонскиот репрезентативец во редовите на Пелистер.

Многу работи во играта на Пелистер зависат од Никола Малешевиќ, искусниот српски кошаркар кој игра во одлична форма.
-Максимално сме мотивирани и желни да стигнеме до победата против Куманово. Играме со ривал што е дисциплиниран во нападот, голем дел од тактиката е на нивните високи играчи, но имаат и кошаркари што знаат да погодат од далечина, така што можат да бидат крајно незгодни. Верувамм во нас, нашата предност е во трчањето, во транзицијата и во агресивноста. Клучно ќе биде да го наметнеме ритамот што ни одговара на нас, ако го сториме тоа верувам дека на крајот ќе стигнеме до победата, вели Малешевиќ во пресрет на утрешниот натпревар.











