На 23 март во галеријата на уметничкиот центар „Илиос“, една од позначајните во Солун, беше отворена самостојната изложба на Владо Ѓорески, ликовен уметник од Битола. Претставени се над дваесетина дела во голем формат, работени во специфична авторска техника.

Изложбата со наслов „Апокопалипсис“ ја организираше ликовниот уметник од Солун – Јанис Проиос.

Јавноста и публиката, изложбата најафирмативно ја прифати, оценувајќи ја како еден од најзначајните ликовни настани во солунскиот ликовен живот, при што се најавени и поопсежни пишувани ликовни осврти.
Кон овој циклус и изложбата, работени во изминативе две години, во подолгиот свој осврт Анамарија Стибил Шајн, една од најзначајните ликовни критичарки од Словенија напиша:
-Владо Ѓорески е ликовен автор со исклучителен опус. Неговиот ликовен израз е поставен низ бројни циклуси, комбинирајќи ги традиционалните ликовни техники со специфични постапки, вклучувајќи ги и современите изрази и технологии. Со таа разновидност, тој постигнува уникатност и исклучителна уметничка енергија и виталност. Неговите дела се пофалба на Графиката (Magnificat). Тоа е величење на линијата во сите нејзини манифестни форми, од сензибилни ликовни површини до најразновидните линеарни системи и универзуми по карактер. Всушност, линијата е неговото фундаментално изразно средство, со кое тој црта, раскажува, исповеда, размислува и истражува преку нејзините нови и нови манифестни форми, преку кои достигнува уметнички сериозни влогови и откритија со специфичен колорит. Ова се моќни, интензивни и симболични дела. Во корелација со црната линеарна структура, тие се претвораат во хармонична и компактна целина. Во класичните техники, тој создава диптиси кои се еден вид уметничка алузија на словенечкиот и германскиот експресионизам од пред Втората светска војна, со одредени постмодернистички асоцијации на поранешната доцносредновековна уметничка апокалипса (Бош, Питер Бројгел Постариот) што целосно го одразуваат времето во кое живееме“…

За самата иложба, познатиот канадски ликовен критичар и уметник, Дерек Бесант напиша:
-Изложбата го прави чинот на истражување на делата како талкање ноќе низ мистериозен простор, во катакомбите, до кулите, големите сали каде што од камените ѕидови одекнува глас, со површини каде што живеат духови, животински скелети и антички мапи, низ тој лавиринт е човечко постоење распнато во страдање и чуда што одговараат на уметничките креации на светот (Гоја, Пиранасе). Човекот се обидува да го пронајде својот пат во и надвор од замисленото време и простор! Толку богато со текстура и мистерија!!! Креативниот чин во делото на Владо Ѓорески е начин на постоење, каде што тој наведува дека уметноста нема рок на траење, туку може да се создаде одеднаш, може да излезе на виделина подоцна, кога и каде и да се сретнат чувствителностите на времето со публиката.










