-Прекрасна вечер во Битола – вечер посветена на Freddie Mercury и магијата на “Queen“
-Безвременските хитови “Bohemian Rhapsody“, “I Want to Break Free“, “Don’t Stop Me Now“, “The Show Must Go On“…. одекнуваа со полна сила, будeјќи емоции, носталгија и восхит. Секоја нота беше потсетник на генијалноста на Queen и неповторливата енергија на нивниот фронтмен.
Во преполната сала на Центарот за култура, оркестарот „DIVA“ приреди вечер што не се заборава – музичко-сценски спектакл инспириран од една од најголемите музички икони на сите времиња, Freddie Mercury фронтмен на групата “Queen“.
Не стануваше збор за обичен tribute концерт, туку за моќен мјузикл што ја спои музиката, актерската игра и сценската емоција во едно силно уметничко доживување. Публиката беше понесена на патување низ животот, славата и внатрешниот свет на човекот кој го редефинираше рокенролот.
Мјузиклот за Freddie Mercury не само што го долови духот на едно време, туку ја раскажа и приказната за подемот, славата и цената на успехот. На сцената се отворија темите за амбицијата, егото, осаменоста и борбата со сопствените демони.
Во центарот на вниманието блесна Бојан Стојков, кој во улогата на Фреди Меркјури не го имитираше – туку го почувствува. Со впечатлива сценска присутност, прецизни движења и силна емоција, тој успеа да ја пренесе суштината на една легенда.
Емоционалниот врв на вечерта беше заокружен со изведбите на “Don’t Stop Me Now“ и “The Show Must Go On“ моменти што ја оставија публиката без здив и ја потсетија дека музиката е вечна.
Зад овој амбициозен проект стои силен и посветен тим: Владимир Димовски – диригент, продуцент и оркестратор на камерниот оркестар „DIVA“, Бојан Стојков – Фреди Меркјури и режија.
Настапија и Димитар Захариевски – сценарио и Брајан Меј, Никола Пројчевски – Џон Дикон, Никола Стефанов – Роџер Тејлор и Теона Крстеска – Мери Остин.
-Ова не беше само претстава.Ова беше омаж. Ова беше енергија, емоција и безвременски хитови – спектакл во чест на Фреди Меркјури, забележаа битолчани кои се редовни гости на концертите на оркестарот „DIVA“.
Мјузиклот беше пред сè – потсетник дека легендите никогаш не умираат. Тие живеат – гласно, моќно и вечно – преку музиката и сцената.
За да биде впечатокот комплетен се погрижи и “CLS equipment“ од Прилеп.
Жанета Ристевска
Фото: Дамијана Ристевска










