Денес во ресторанот “Корзо“ во Битола се одржа прв координативен состанок на иницијативниот одбор за организирање на “Чкембе фест“ кој се планира да се одржи од 9 до 11 октомври 2026 година година, на отворено, на платото на Офицерски дом во Битола, на Широк Сокак и во ресторанот “Корзо.
Во име на организаторите како надворешен соработник зборуваше Никола Каровски – дипл. екомомист по туризам и угостителство кој рече:
-Ни претставува посебна чест и задоволство што имаме можност да Ве известиме дека од 9 до 11 октомври 2026 година, Здружението за културни, уметнички, традиционални и забавни активности “Гурман плус“ Битола и здружението за угостителство и туризам “Еснаф“ од Битола со поддршка на Општина Битола, оваа година за прв пат во Битола ќе го реализираме долго очекуваниот проект од областа на културата со афирмирање на нашите обичаи и традиција како манифестација од областа на кулинарските вештини кои се практикуваат на ова поднебје, преточени во организирана манифестација – фестивал “Чкембе фест Битола 2026“.
На манифестацијата ќе се даде огромен придонес и потврда за градот Битола како туристичка дестинација која ги негува традиционалните културни вредности. Разговаранао е со стручни лица од регионот, каде се одржуваат вакви настани да бидат дел од “Чкембе фест“ да бидат судии и да помогнат во организацијата на првото издание, додаде Каровски.
Пеце Стојчевски, сопственик на ресторанот “Корзо“, и претседател на здружението за угостителство и туризам “Еснаф“ од Битола ја поддржа оваа и ицијатива и рече:
-Разговарав и ги информирав членовите на здружението “Еснаф“ и можам да кажам дека оваа идеја е прифатена од сите, иако не се дел од оваа орва средба во Битола. Ние сме убедени дека организирањето на една ваква манифестација за градот Битола, ќе биде мотив повеќе во следните години истата да прерасне во традиционална мегународна манифестација. Јас како поискусен угостител можам да кажам дека странските гости се повеќе ја бараат македонската кујна да биде на менито, а “Чкембе фест“ ќе помогне за промоција на нашата богата, македонска кујна. Сите се надеваме дека овој настан кој мора да се одржи во поладно време, ќе ја продолжи летната сезона во градот.
На натпреварувачкиот дел, кој секако ќе биде најинересен би се подготвувале неколку јадења и мезиња од чкембе, а според најавите ќе се вклучат скоро сите угостителски објекти од Битола и Пелагонија.
Ромео Ацевски од здружението за културни, уметнички, традиционални и забавни активности “Гурман плус“ Битола, рече:
-Планирани се поголем број на содржини за да овој настан биде попривлечен на битолчани и гостите. Покрај тоа што ќе се одржи гастро натпреварување во подготовка на автентични традиционални јадења од чкембе, ќе има и богата гастро и етно понуда, бројни изложби на етно производи од Македонија и регионот, голем број содржини исполнети со културно уметничка програма, организација на тематска трибина и форум на угостители, учество на фолклорни ансамбли и естрадни уметници, презентации на производи од органска храна, ракотворци со мотиви од македонското културно наследство…
На првиот состанок беше прикажана презентација за тоа како е планиран и како би изгледал целиот настан, а организаторите рекоа дека се отворени за сите предлози, забелешки и сугестии до конечниот план како би изгледал “Чкембе фест“. Дел од присутните на состанокот дадоа веднаш предлози кои се прифатија.
Сашо Ристевски






