„Христос воскресна, навистина воскресна!“
со овие зборови, вечерва на полноќ, православните верници во храмовите во Битола и во цела Македонија го дочекаа најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, денот кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите.
А, на овој ден битолчани, традиционално, и оваа година, лето 2026, верниците од Битола дојдоа голем број во храмот “Св. Богородица“, а неговиот двор беа претесни да го соберат сите верници кои на соопштување на радосната вест Христос Воскресна, од страна на старешината на црквата.
Страдањата Христови не се само историски настан, туку живо сведоштво за љубовта што се жртвува до крај. Патот кон Голгота е пат на крстот, на трпение, на вера кога сè изгледа изгубено. Но токму таму, во најголемата темнина, се раѓа светлината. Распетието не е крај, туку премин.
Со молитва, запалени свеќи и силна вера, верниците го прославија Христово Воскресение во Црква Св. Богородица“. Тоа беше ноќ на Воскресенска радост и духовно единство во храмот.
Со појавувањето на Благодатниот оган кој во пристигна во црквата, како симбол на божествената светлина што ја победува темнината, тишината се претвори во радосно исчекување. Сите со возбуда земаа од светиот оган, палејќи ги своите свеќи, додека храмот одеднаш се исполни со топлина и блесок.
Се разлеа песната: „Дојдете, примете светлост од невечерната Светлина…“, а како што пламенот се пренесуваше од рака на рака, целата црква заблеска, осветлувајќи ги радосните лица на верниците.
Звукот на камбаните силно одекна, најавувајќи го величествениот момент. Народот, собран и во дворот на храмот, со мир и длабок трепет го слушаше Светото Евангелие за Воскресението. И тогаш, во еден глас, се разлеа победоносниот поздрав:
„ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!“ – „НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА!“, исполнувајќи ги срцата со неизмерна радост и духовна сила.
Овој свет момент го означи и почетокот на Воскресната Литургија, во која сите присутни, соединети во верата и љубовта, го прославија воскреснатиот Христос, победителот над смртта и дарителот на вечниот живот.
По завршувањето на богослужбата, радоста продолжи и надвор од храмот, каде верниците го продолжија вековниот обичај – кршењето со вапцани јајца. Со насмевка и благослов, секој се обидуваше да го скрши јајцето на ближниот, изговарајќи го повторно воскресенскиот поздрав.
Црвеното јајце, како симбол на Христовата крв и новиот живот, уште повеќе ја заокружи оваа света ноќ, во која верата, традицијата и заедништвото се споија во едно.
Така, празничната атмосфера во црквата “Св. Богородица“ уште еднаш, како векови наназад сведочеше за живата вера на народот, кој со отворени срца ја прими радосната вест за Воскресението, носејќи ја светлината на Христос во своите домови и животи.
Воскресението е победа над смртта, но и повик за секој човек – да го преобрази сопствениот живот, да воскресне духовно, да најде нов почеток во љубовта, верата и надежта. Така, радоста на Воскресението не е само Христова победа, туку и наше лично воскресение – во нов живот со Него.
Како беше вечерва на Христосовото Воскресние, во Битола сведочат илјадници селфи фотографии и фотографии од Богослужбите, но ние преку фотогалерија, Ви доловуваме дел од тоа како беше на полноќ, во храмот “Св. Богородица“, и по Широк Сокак.
Жанета Ристевска






